Студенти сместени во студентскиот дом „Гоце Делчев“ во блок Б се пожалија дека три недели не им работи лифтот. Директорот на Државниот студентски центар, Дарио Николовски, објаснува дека проблемот ќе биде надминат денес-утре. Тој објаснува дека ги следи проблемите на студентите и се труди веднаш да одговара, но дека многу често и правните процедури го забавуваат решавањето на проблемите.
Дарио Николовски, директор на Државниот студентски дом
- Станува збор за лифт поставен во 2017 година во реконструираниот блок Б. Фирмата изведувач имаше гаранција од две години и според договорот, таа се грижеше за негово одржување. Сега откако им истече договорот, лифтот еднаш се расипа, јас ги замолив повторно да го поправат без да бараат надомест. Веднаш беше распишан нов тендер за избор на фирма за технички преглед на лифтот. Јас сум свесен дека студентите не можат до 14. кат да се качуваат пеш, и тоа неколку пати во денот. До денес истекува рокот за фирма, а тој технички преглед мора да се изврши - објаснува Николовски и вели дека очекува и во блоковите В и Г да се појават овие проблеми.
И студентите од „Кузман Јосифовски-Питу“ ни се пожалија дека два месеца еден од лифтовите не работи.
- Таму станува збор за постар лифт. Го поправаме при секој проблем и се снаоѓам преку општествено-одговорни фирми кои ни помагаат. Можеби во иднина ќе се поедностават некои правни процедури и ќе можеме полесно да ги решаваме проблемите од ваков тип - вели Николовски.