X
 29.09.2020 Образование

На два дена пред почетокот на академската година студентите уште не знаат дали се примени во државните домови

Студентите нестрпливо ги очекуваат резултатите за сместување во државните студентски домови, кои треба да бидат отворени на почетокот на академската година. Од Универзитетското студентско собрание на УКИМ апелираат до Министерството за образование и наука што поскоро да ги објават резултатите, за студентите да го испланираат своето сместување.

Според Дарио Николовски, директор на Државниот студентски центар од Скопје, сѐ е спремно за да се отворат домовите.

- Исправени сме пред важен предизвик и се надевам на добра соработка со студентите. Во соработка со МОН, домовите ќе бидат отворени во рокот за почнување на академската година, може ден-два по први октомври. Важно е што побрзо да бидат објавени резултатите на примени студенти, а тоа се очекува да биде денес-утре. Ги замолуваме студентите да се стрпат. Ние моравме да ги почекаме протоколите за сместување за да знаеме колку студенти би можеле да примиме, воопшто - вели Николовски.

 

Според протоколот на Владата, во двокреветна соба може да се смести еден студент, а во секоја поголема соба – најмногу до двајца. Околу 50 отсто ќе биде сместувачкиот капацитет.

На прашањето кој ќе има предност во изборот за сместување, Николовски вели дека тоа ќе бидат студентите од пониските социјални категории, но предност ќе имаат и студентите што доаѓаат од факултети каде што наставата ќе се одвива со физичко присуство.
Тие студенти што ќе бидат одбиени, ќе добијат надомест од Владата за помош за сместување или за патни трошоци.  
Подготвил: С.Ѓ.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование