Водејќи се од својата долгорочна посветеност за промоција на вистинските општествени вредности, но и на големо задоволство на учениците и наставниот кадар, А1 Македонија четврта година по ред продолжува со програмата наменета за најмладите „Интернетот не е само игра... Кликај безбедно!“ Со оваа програма вработените во А1 Македонија, преку интерактивни и интересни предавања, приспособени за возраста и на образовната програма, ги запознаваат учениците од четврто одделение и го збогатуваат нивното знаење за интернетот, како безбедно да бидат дел од светската мрежа, а притоа да ги заштитат своите лични податоци.
Поради моменталната ситуација, оваа учебна година работилниците се одвиваат онлајн, преку платформата на MS Teams. Изминатата недела волонтерите на А1 го одржаа првото предавање и тоа во ОУ „Блаже Конески“ од скопската населба Аеродром. Повеќе од 70 ученици со внимание го слушаа предавањето, се интересираа и активно учествуваа со свои прашања и размислувања.
- Сметам дека проектот на А1 Македонија за безбеден интернет доаѓа во вистински момент. Земајќи ја предвид сегашната ситуација каде што најголем дел од децата го поминуваат своето време дома и на своите компјутери, овој проект е од исклучителна важност. Потребно е подигање на нивната свест дека интернетот не е само игра и забава, туку дека тој може да претставува и опасност, особено при користењето на социјалните мрежи. Верувам дека со овој проект децата ќе научат како подобро и паметно да го користат интернетот, но најважно од сè, ќе научат како да се заштитат - изјави директорката на училиштето „Блаже Конески“, Сузана Настовска.
Проектот „Интернетот не е само игра...Кликај безбедно!“ во соработка со Министерството за образование на Република Северна Македонија започна во февруари 2018 година и истиот досега има опфатено 22 училишта низ земјата и едуцирано повеќе од 2.000 деца. Заложбата на А1 Групацијата е до 2023 година на групациско ниво, преку тренинзи и работилници на тема дигитална писменост, да се едуцираат над 100.000 деца и возрасни.
(Комерцијална објава)