Шахот ме научи на многу работи што подоцна несвесно ги употребував во животот: како да се однесувам во непријатна ситуација, кога ми недостига време, да си го испланирам времето, да можам да заборавам на поразите и да продолжам понатаму
Тој е ученик на генерацијата во скопската гимназија „Орце Николов“. А има и зошто. Успешен информатичар и математичар, страстен играч на шах. Четири универзитети, меѓу кои и „Оксфорд“, веќе имаат отворени покани за да го продолжи студирањето кај нив. Со бронзен медал од Интернационалната олимпијада по информатика во Техеран се врати лани, а во септември го очекува ИОИ во Цукуба, Јапонија.
Информатиката е твоја љубов. Со какви искуства се враќаш од меѓународните олимпијади?
- Шансата да ја претставувам мојата земја на најпрестижното светско натпреварување од областа на информатиката ми беше голема чест. Тоа беше незаборавна недела помината во друштво на натпреварувачи од целиот свет. Многу ми е драго што успеав да освојам бронзен медал. За жал, бев единствениот од Македонија со медал. Но, учеството на ИОИ (Интернационалата олимпијада по информатика) носи и многу нови искуства, пријателства итн., а организаторите ни ги покажаа и најголемите знаменитости на Иран, така што допирот со култура многу различна од нашата сосема ми го смени погледот на светот. Освен на оваа олимпијада, учествував и на балканските олимпијади по информатика во 2016 и во 2017 година, како и на јуниорските балкански олимпијади по математика (ЈБМО) и информатика (ЈБОИ) и секоја од нив била посебна и претставувала прекрасно искуство.
По што ќе го паметиш средното образование?
- Најмногу по интелигентната средина во СУГС „Орце Николов“ и дискусиите што сме ги имале на часовите, а исто така и по прекрасните професори, соученици, драмска секција, натпревари, другарства, многу смеа, луди планови што не се исполнувале, бегање од часови, седење на часови, екскурзијата, дремење во АБЦ и што ли уште не...
Имаш понуда да студираш на „Оксфорд“. Станува збор за стипендија?
- За жал, немам стипендија, имам само понуда за студирање на „Оксфорд“, под услов да поминам добро на државната матура. Меѓутоа, мора да признаам дека се двоумам дали да ја прифатам понудата затоа што ниту државната стипендија не може целосно да ја покрие потребната сума, а сега за сега, друг извор на финансии или друга стипендија немам (освен, се разбира, мојата фамилија). Покрај „Оксфорд“, имам понуди за студирање и во Канада, Полска, Единбург. Имам уште кратко време да размислам и планирам добро да го искористам зашто верувам дека ова е една од најважните одлуки што треба да ги донесам. Образованието би сакал да го продолжам на некој врвен универзитет каде што би студирал информатички науки, а за понатаму ќе видам.
Кој е најзаслужен што ја засака математиката?
- Љубовта кон математиката ми се роди уште како мал. Така што, би рекол најзаслужни се поблиските роднини: моите дома, бабите и дедовците, тетките. Тие што ме чуваа. Никогаш не сум сретнал задача што ми е слична на некоја друга. Реално имам изрешено помалку од другите натпреварувачи, ама тоа што ме научија да ги гледам поинаку е клучно за мојот успех во областите на математика и информатика. Мајка ми Марија Михова, која е професорка на ФИНКИ, најмногу ми помогна да ги дооформам знаењата и ме научи како да решавам покомплицирани задачи какви што се „паѓаат“ на натпревари. Мора да признаам дека и покрај сите натпревари за кои сум вежбал и сето тоа што сум го сработил до средно училиште, во средно научив и многу нови работи, особено по „математичките“ предмети: Линеарна алгебра и аналитичка геометрија, Алгебра, Математика и Математичка анализа. Професорките што ми ги предаваа овие предмети во средно се несомнено едни од најдобрите во Македонија, па можам да речам дека тие направија да ја засакам математиката уште повеќе. Уште од мал ме научија како да им пристапувам на задачите.
И драмскиот аматеризам му е при срце: Филип во претставата „Покојникот“ во неговата гимназија
Зошто многу твои врсници се плашат од математика, дали мислиш дека нешто може да се смени во самото основно образование за математиката да не биде „баба рога“?
- Би можел да напишам роман за ова прашање. Според мене, коренот на проблемот е тоа што уште од најрана возраст учениците гледаат на математиката како на бескорисно решавање задачи, без притоа да знаат што се случува. Образовниот систем налага учениците да научат најразлични техники наместо да го поттикне креативното размислување. Јас сум сведок дека има многу ученици што имаат петки по математика и навистина знаат да решаваат равенки, матрици, детерминанти, лимеси, изводи, интеграли, функции, но немаат поим што тоа значи.
И обратно, има ученици што одлично разбираат што се случува во задачите, ама ги мрзи да вежбаат и имаат пониски оценки. Сметам дека многу е поважно да се разбере што се случува „зад“ тие равенки, оти решавањето е техника и секој може да го научи ако седне да работи. Еден цитат од Ричард Хеминг во оригинал гласи: „The purpose of computation is insight, not numbers“. Всушност, идејата е дека математиката не се врти околу броевите, тие само служат за да се разбере ситуацијата.
Меѓутоа, како што веќе споменав, образовниот систем бара повеќе учење на техники напамет отколку креативност. Додуша, мора да признаам дека со новововедената Кембриџ-програма работите повеќе се гледаат низ една ваква призма, различна од претходно. Но, сепак, и оваа програма има значителен број маани за да биде оценета како добра.
Сè на сè, математиката е многу повеќе од она што си замислуваат луѓето кои не ја знаат и ако тие сфаќања родителите им ги пренесат на своите деца, и тие ќе размислуваат исто. Секако, и наставниците играат значајна улога во сево ова, така што одговорноста во голема мера е нивна.
Шахот исто така ти е страст. Кој те научи да играш и што ти прави најголемо задоволство во таа игра?
- Дедо ми ме научи да играм шах на 4 години. Посериозно почнав да работам со мојот прв тренер Тодор Голомеов од Штип, а сега сум дел од шаховскиот клуб „Алкалоид“ и работам со велемајсторот Драгољуб Јаќимовиќ. Мене ми е многу интересно да правам што било поврзано со шах, дали тоа значи играње, учење, читање каква било литература поврзана со шах, сеедно. Можам да кажам дека шахот ме научил на многу работи кои подоцна несвесно сум ги употребувал во животот, на пример: како да се однесувам во непријатна ситуација, кога ми недостига време, да си го испланирам времето, да можам да заборавам на поразите и да продолжам понатаму, да не размислувам што се случило, туку да се фокусирам на конкретната ситуација, да направам план за иднина и уште многу друго. Имам зацртани цели во шахот и сакам да ги постигнам, а најважно е можеби тоа што навистина уживам во играта.