X
 12.10.2018 Наука

Македонскиот научник Тања Петрушевска дел од ново астрономско откритие

Астрофизичарите првпат најдоа доказ за експлозија на супернова која формирала неутронска ѕвезда која многу блиску орбитира до друга неутронска ѕвезда. Студијата била предводена од тим од Калифорнискиот институт за технологија, а вклучи и истражувач од Универзитетот во Нова Горица, каде што во моментов работи Македонката д-р Тања Петрушевска, информира Скопското астрономско друштво.

Системот на блиски неутронски ѕвезди е важен за астрофизиката бидејќи спојувањето на две неутронски ѕвезди создава гравитациски бранови. Нивното истражување е објавено во престижното списание „Сајенс“.

Постои една класа на експлозии на супернови што е резултат на колабирање на масивни ѕвезди што изгубиле дел или целата надворешна обвивка на водород и хелиум. Поради тоа, тие се наречени ултра-лишени супернови. Губењето на надворешната обвивка на овие ѕвезди може да биде предизвикано од силен ѕвезден ветер или од друга ѕвезда во непосредна близина. Се смета дека повеќето масивни ѕвезди се родени во бинарни системи.

Фото: МИА

Кога две ѕвезди се наоѓаат многу блиску, материјалот од едната може да прејде кон другата ѕвезда. Кога масивна ѕвезда има компактен објект за придружник, таа може да изгуби толку многу материја, што комплетно ќе ги тргне нејзините надворешни слоеви, оставајќи ја со голо метално јадро. Ако ова јадро е доволно масивно, ќе колабира во слаба експлозија на супернова и притоа ќе исфрли малку материја. По оваа експлозија остануваат две неутронски ѕвезди кои орбитираат блиску една до друга.

- Нашата група на Универзитетот во Нова Горица се спрема за Large Synoptic Survey Telescope, кој со работа треба да почне во 2021 година, со траење од десет години. Тоа ќе биде 8,4-метарски телескоп во Чиле и ќе ја има најголемата дигитална камера што некогаш била направена, значи ќе откриваме и ќе следиме експлозии на небото како никогаш порано - истакна Петрушевска.

Извор: МИА

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука