Денес Давид е симбол на ренесансата и Фиренца, но зад неговите 5,17 метри се крие неверојатна приказна за отфрлено парче лош мермер, политички судири, прилично комплициран транспорт, цензура, па дури и напад со чекан. Избравме 13 интересни факти за Давид кои можеби не ги знаете.
Давид е извајан од отфрлен мермер
Микеланџело не добил совршено парче камен. Огромниот блок мермер од каменоломот Карара веќе се обиделе да го обработат двајца вајари (и се откажале од проектот). Пред да се фати за него Микеланџело, тој 25 години стоел во двор.
Микеланџело имал само 26 години кога почнал да работи на Давид
Кога ја добил нарачката, во 1501 година, Микеланџело имал 26 години. Добил рок од околу две години од огромниот, веќе оштетен блок да го направи Давид. Почнал да работи на 13 септември 1501 година, а до 1504 година од каменот се појавил огромниот Давид.
Давид е висок колку куќа
Статуата е висока 5,17 метри, а тежи околу 5,5 тони. Давид првично требало да биде на покривот на фирентинската катедрала. Уште во 1464 година бил нарачан како една од големите статуи кои требало да го украсуваат работ на покривот на фирентинската катедрала. Но, кога бил завршен, станало јасно дека огромната статуа е преголема и претешка за првично замисленото место.
Изработен е од едно парче мермер
И покрај тоа што мермерниот блок бил стар, тесен, веќе обработуван и наводно со полош квалитет, Микеланџело го извајал целиот Давид од еден единствен камен. Некои шпекулираат дека токму поради тоа Давид ги нема вообичаените реквизити – главата на Голијат и мечот.
Давид не е пропорционален
Давид не е анатомски совршено пропорционален – неговата глава и десната дланка се преголеми во однос на остатокот од телото, се претпоставува – намерно, бидејќи требало да стои на покрив и да се гледа одоздола.
Давид станал политички симбол на Фиренца
Во ренесансна Фиренца, Давид не претставувал само библиски јунак. Ја претставувал малата, но силна и пркосна Република Фиренца. Исто како библискиот Давид кој му се спротивставува на џинот Голијат, Фиренца била опкружена со силни непријатели и се соочувала со политички закани. Затоа скулптурата станала симбол на слободата, храброста и отпорот кон тиранијата.
Статуата некогаш била – цензурирана
Денес е тешко да се замисли Давид облечен. Но, со векови неговата голотија не била целосно прифатлива. Давид добил гирланда од позлатени бакарни листови, односно своевиден „појас“ кој ги покривал интимните делови.
До Плоштадот Сињорија патувал четири дена
„Преселбата“ на повеќе од пет тони тешкиот мермерен џин низ Фиренца не била едноставна. Статуата патувала четири дена од работилницата на Микеланџело до 800 метри оддалечениот Плоштад Сињорија. Не можела едноставно да се стави на кола и да се превезе, па била изработена огромна дрвена конструкција на која висел на јажиња.
Давид бил „повреден“ – двапати
Во 1527 година, за време на политичките немири во Фиренца, Давид настрадал. Некој фрлил клупа низ прозорецот – го погодил Давид и му ја скршил раката на три места. Четири и пол века подоцна се случил нов напад. Во 1991 година Пиеро Каната влегол во галеријата со чекан и почнал манијачки да удира по скулптурата. Успеал да открши дел од прстот на левата нога на Давид пред да биде совладан.
Оригиналот не е на Плоштадот Сињорија
Ако денес отидете на Пјаца дела Сињорија, ќе го видите Давид – но тоа не е оригиналот. Тој во 1873 година бил преместен во затворен простор, во Галерија дел'Академија, за да се заштити од временските услови и од понатамошни оштетувања. На изворното место денес стои реплика.
Фото: magnific