Преносен инструмент за мерење параметри на аерозагадувањето Bluecloud, денеска, беше презентиран пред градоначалници и претставници на институции и компании во Македонија. Карактеристиките на уредот и софтверските решенија беа презентирани во Центарот за трансфер на технологии и иновации на Факултетот за електротехника и информациски технологии.
Според професор д-р Јосиф Ќосеф од ФЕИТ, оваа иновација и соработка на повеќе нивоа ќе придонесе до побрзо и поквалитетно и подинамично детектирање и укажување на изворите на аерозагадување.
„Оваа алатка ќе утврди што се случува на теренот и ќе знаеме кој го загадува воздухот. Уредот нема да понуди решение, но ќе детектира кој и што загадува. Станува збор за преносен уред што може да се носи на конректни мирколокации. Преку него може да се гледаат бројчани вредности и графички приказ на параметри. Основно е дека сè што се мери, веднаш го проследува во „облак“ и веднаш го прави достапно за сите релевантни чинители. Намерата е податоците да бидат во функција на јавноста, односно во функција и во интерес на граѓаните, но и на бизнисот кој може да следи дали и колку загадува во дадена средина“, рече Ќосев во својата презентација.
Според него, оваа иновација ќе овозможи проширување на микролокации кои не се покриени со стационарни мерни станици, а постои можност да се прибираат и прелиминарни податоци преку наведувани летала – дронови. Зголеменото количство на информации со аналитика преку cloud сервис ќе овозможи подетален увид во состојбите на теренот.
Половина година интензивно тече проектот за креирање на овој Систем составен од преносни уреди и платформа во облак наменети за следење на загадувањето. Системот треба на општините и на инспекторатите директно да им помогне при мерење и при откривање на главните извори на загадувањето, по што општините ќе може да преземаат соодветни дејствија и мерки.
„Ние како конзорциум сакаме да понудиме услуга да се најдат изворите на загадување и врз основа на аналитиката, да се понудат конкретни системски решенија за соочување со проблемот. Затоа што граѓаните сакаат чист воздух. Овој уред ќе има и софтверско решение со крајна цел да создадеме еко систем за справување со овој проблем. Самиот уред ќе собира податоци од одредени микролокации и потоа, ќе се прави анализа на собраните податоци со што ќе можат да се понудат соодветни мерки. Во овој еко систем неохподно е, во иднина, да се вклучат општините, ресорните министерства и институции и граѓанскиот сектор“, порача м-р Виолета Николова, директор за бизнис развој и старап компании на Информ.
Факт е дека зголеменото количество на ПМ честички во воздухот, како и останати штетни гасови, создаваат огромна опасност по генералното здравје на граѓаните и огромна економска штета за државата. Производот финансиски е поддржан од Фондот за иновации и технолошки развој и во рамки на проектот се предвидува да се направи акредитирана поставка за калибрација на уредите во рамки на Факултетот за електротехника и информациски технологии.