X
 31.05.2024 Живот

Модерни ИКТ-трендови и дигиталната трансформација на општеството - Важноста на ФЕИТ во обликувањето на иднината

Современите трендови во информациско-комуникациските технологии (ИКТ) го трансформираат нашиот свет. Почнувајќи од најактуелното нешто на денешницата - вештачката интелигенција и машинското учење, преку интернетот на нештата (IoT), напредните мобилни мрежи (5G и 6G), па сѐ до дигитализацијата и виртуализацијата на комуникациските мрежи, ИКТ постојано нудат нови можности за подобрување на ефикасноста, продуктивноста и поврзаноста. Овие трендови не само што влијаат врз деловните процеси и индустриите, туку имаат и големо влијание врз секојдневниот живот на луѓето, нудејќи нови начини за комуникација, работа и забава.

Концептот познат како „интернет на нешта“ (анг. Internet of Things - IoT) се базира на уреди кои собираат, разменуваат и дејствуваат врз основа на податоци. Мерните сетила (односно сензорите) кои ја играат улогата на „нештата“ денес се присутни во речиси сите уреди и системи кои секојдневно ги користиме. Од мобилните телефони, па сè до електричните уреди во домовите, сензорите се основните компоненти со кои се собираат и обработуваат информации од нашето опкружување. Еден интересен факт - и модерните паметни телефони содржат просечно 15 сензори за најразлични примени. Обработката и управувањето врз основа на овие податоци овозможува интелигентни решенија во различни домени, како што се домаќинството, здравството, транспортот и многу други. Во индустриските средини се овозможува мониторинг и оптимизација на производните процеси, превентивно одржување на машините, како и подобрена безбедност на работните места. Дополнително, индустриските интернет на нешта (IIoT) и парадигмата Индустрија 5.0 ги обединуваат роботиката и вештачката интелигенција вршејќи спрега помеѓу човекот и машините. Сето ова покажува дека ни претстои ера на дигитална трансформација на киберфизичките системи овозможена токму од IoT технологиите.

Следната генерација на безжични и мобилни системи (Beyond 5G и 6G) кои се во зачеток се очекува да го револуционизира дигиталниот екосистем со напредни технологии како што се нетерестријалните мрежи (NTN) и зголемено интегрирање на вештачка интелигенција во овие домени. Нетерестријалните мрежи се предвидува да играат клучна улога во 6G мрежите, обезбедувајќи сеприсутна, приспособлива и одржлива комуникација низ целиот свет. Вештачката интелигенција се очекува да биде вградена во 6G мрежите од самиот почеток, што ќе ги направи поинтелигентни и автономни. 6G е планирано да опфати употреба на современи концепти од процесирањето на сигнали и мета-површини, како што се рефлектирачки интелигентни површини, холографски антенски полиња, бесќелиски системи и интегрирани комуникациски радарски системи. Овие напредни концепти ќе обезбедат значително зголемени перформанси на 6G, но исто така ќе овозможат брз развој и комерцијализација на иновативни решенија како автономни системи, проширена и надградена реалност, колаборативна роботика итн.



Во модерниот свет на ИКТ, виртуализацијата и контејнеризацијата се суштински технологии кои претставуваат темел на пресметувањето во облак. Овие технологии создаваат апстракциски слој над физичкиот хардвер, овозможувајќи делење на хардверските ресурси како процесори, меморија и складирање, помеѓу повеќе виртуелни машини, односно контејнери. Дефинирањето на хардвер преку софтвер, исто така, игра значајна улога во овој контекст. На овој начин се овозможува функциите на мрежите, функциите на складирање или дури комплетни инфраструктурни елементи да бидат претставени како софтверски дефинирани единици во облак-системите. Софтверизацијата, заедно со виртуализацијата и контејнеризацијата, претставува интегрален дел од современите ИКТ-решенија, создавајќи технолошки околини кои се приспособливи, скалабилни и ефикасни. На долг рок, главните трендови ќе се фокусираат на адаптација на ИКТ-системите да функционираат како софтверски пакети што се извршуваат на хардвер за општа намена. Зголеменото користење на сите овие технологии ја истакнува и неопходноста за интелигентни системи за автоматизација и оркестрација на ресурси, со цел постигнување ефикасно и автоматизирано управување со големи количини на податоци и апликации.

Во денешниот поврзан свет на секој со секого, кибербезбедноста е од суштинско значење за корисниците на дигиталниот свет. Таа опфаќа примена на технологии, процеси и контрола за заштита на системи, мрежи, програми, уреди и податоци од кибернапади. Овие напади обично се насочени кон пристап, промена или уништување на чувствителни информации или изнудување финансии од корисници преку различни канали. Моментално, најголемите трендови за кибербезбедност се фокусирани на автомобилската кибербезбедност, искористување на моќта на вештачката интелигенција во кибербезбедноста, кибернапади на мобилни уреди, предизвици и решенија за безбедноста во облак системите, IoT безбедност во ерата на 5G и понатаму, како и прифаќање на автоматизација за подобрена кибербезбедност. Секако, кибербезбедноста е помеѓу технологиите на врвот од ИКТ-пирамидата која и понатаму значително ќе се развива и комбинира со моќта на вештачката интелигенција.

Факултетот за електротехника и информациски технологии (ФЕИТ) е препознатлив по своите модерни и напредни наставни програми кои ги покриваат сите погоре споменати аспекти на современите ИКТ-системи. Воедно, ФЕИТ е лидер и активен учесник во повеќе ЕУ, НАТО и Интеррег проекти кои се фокусираат на употребата на ИКТ-технологиите.



- На студентите на ФЕИТ им стојат на располагање модерно опремени лаборатории за развој на прототип решенија за IoT уреди, лабораторија со 5G околина за тестирање, радио и мрежен хардвер за софтверски дефинирани мрежи, инфраструктура за експериментирање со виртуализација и софтверизација на мрежни функции како и практична програма од Palo Alto Networks за кибербезбедност. Нашите студенти имаат можност да стекнат практични знаења за дизајнирање и имплементација на модерни ИКТ-системи, да работат со најсовремени сензори и технологии и да учествуваат во истражувачки проекти кои ги прават конкурентни на пазарот на трудот. ФЕИТ ќе продолжи и понатаму да ги оспособува младите инженери да одговорат на идните технолошки предизвици и идниот предизвикувачки дигитален свет - изјави проф. д-р Владимир Атанасовски, професор од областа на ИКТ и декан на ФЕИТ.

Современите трендови во ИКТ имаат значаен придонес во дигиталната трансформација на општеството. Сите овие иновации создаваат поинклузивно и поефикасно општество, овозможувајќи подобра поврзаност и соработка меѓу различните сектори и индустрии.

(Комерцијална објава)
Тагови:

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот