X
 14.05.2020 Образование

Луѓето не се „добри“ или „лоши“ во математика

Истражувања покажуваат дека 93% од луѓето во САД имаат проблеми со математиката. Во 36 земји 31% од 15-годишниците и 16-годишниците изјавиле дека се чувствуваат анксиозни кога решаваат математички проблеми, а 33% чувствуваат напрегнатост кога пишуваат домашни задачи по математика. Речиси 60% од овие тинејџери се загрижени дека часовите по математика ќе бидат тешки за нив, покажува извештај од Програмата за меѓународно оценување на ученици.

Сијан Бејлок, научник и претседателка на колеџот „Барнард“ во Њујорк, вели дека идејата дека сте добри или лоши во математиката постои во западните земји и се чини дека таа е општествено прифатлива.

- Не слушате некој да се фали дека не е добар во читањето, но слушате луѓе што се фалат дека не им оди математиката - вели таа.


Фото: Pixabay

За што станува збор? Изразот „матофобија“ бил составен од математичарката Мери де Лелис Гоу во 1953 година откако ги набљудувала учениците што имале тешкотии додека решавале математички задачи. Таа ја опишала состојбата како „болест која станува фатална пред да биде откриено нејзиното присуство“.

Други експерти ја дефинираат како „паника, беспомошност, парализа и ментална дезорганизација која се јавува кај луѓето кога од нив се бара да решат математички проблем“ и „генерален страв од контакт со математиката“. Бејлок и нејзините колеги покажале дека состојбата може да се јави и кај најмладите ученици. Со математиката децата учат дали нешто згрешиле или погодиле, а така и се запознаваат со тестирањата.


Фото: Pixabay

Девојчињата почесто имаат страв од математиката. Бејлок вели дека наставничките често го имаат овој страв, а децата се поистоветуваат со возрасните од истиот пол. Истражување од Дарси Халет, психолог, покажува дека раните искуства како нервозните и фрустрирани наставници или чувството дека брзо се напредува со материјалот се поврзуваат со стравот од математиката. Едно истражување од 2019 година покажува дека луѓето ја одбегнуваат математиката кога се плашат од предметот. Затоа е потешко да се следи материјалот.

Одбегнувањето на математиката на училиште може да биде корисно за оние што се сигурни дека сакаат да се специјализираат во нешто што бара решавање задачи. Но, општеството би губело многу доколку многумина ги одбегнуваат предметите поврзани со математиката на факултет. Во САД има недостиг на кадар во научните, технолошките и математичките области во приватните и државните сектори, а слична е ситуацијата во многу други земји.

Затоа, експертите бараат начини да го намалат стравот од математиката. На ниво на високо образование постојат докази дека соочувањето со стравот може да им помогне на студентите. Бејлок учествувала во истражување од 2014 кое покажало дека студентите што имале страв од математика имале подобри резултати кога ги запишале своите стравови пред испитот. Ваквата вежба можеби им помага на студентите подобро да ги разберат емоциите и им ги подобрува меморијата и концентрацијата.


Фото: Pixabay

Ова значи дека доколку сте под стрес поради испит кој е поврзан со математиката, можеби би ви помогнало ако ги запишете чувствата што ги имате за испитот пред тестирањето. Некои високообразовни институции нудат предмети за намалување на стравот од математиката. Колеџот „Монтгомери“ во САД нудел предмет посветен на овој страв.

Истражување спроведено на истиот колеџ покажало дека автономијата за време на учењето им помагала на студентите да го намалат стравот и да ги подобрат своите резултати. Затоа, студентите на колеџот за време на часовите решаваат задачи преку интернет со програма која користи вештачка интелигенција. Така, студентите чувствуваат помал притисок за време на часот и се елиминира стравот од вежбање пред сите.

Секако, секогаш ќе има луѓе што ќе ја одбегнуваат математиката по секоја цена. Но според Бејлок, математиката е дел од секојдневниот живот. Затоа, треба да им помагаме на оние што имаат страв од неа да се соочат со активностите кои се поврзани со математиката за да го постигнат целиот свој потенцијал.

Автор: Тифани Вен
Извор: Би-би-си
Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование