Универзитетот „Св. Климент Охридски“ – Битола, Центарот за развој на Пелагонискиот плански регион – Битола и два партнери од Грција, Универзитетот во Кожани и Регионот на Западна Македонија, се вклучуваат во зголемување на капацитетите на регионот за справување со шумски пожари и поплави.
Вчера, 27 јануари, се одржа преку интернет првиот состанок на партнерите на проектот Превенција и управување со прекугранични комплексни поплави и шумски пожари – РЕШЕНИЕ финансиран од Европската Унија на националните фондови на земјите учеснички, во рамките на Интеррег програмата за погранична соработка со Грција.
Проектот РЕШЕНИЕ ќе се обиде да ги намали ризиците од пожари и поплави на пет нивоа. Првото ниво вклучува превенција на пожари и поплави и ќе се базира на процена на ризиците. Второто ниво е заштита и вклучува примена на структурни и екосистемски мерки на намалување на опасностите од шумски пожари и поплави. Третото ниво е подготвеност. Ова ниво ќе вклучува активности за прогнозирање опасности, рано предупредување и изготвување соодветни планови за итни случаи. Четвртото ниво е одговор и ќе вклучува активности поврзани со тоа како да се подигне квалитетот на акциите веднаш по појавата на шумски пожар или поплава. Последното ниво - закрепнување ќе работи на идентификување мерки за краткорочно и долгорочно закрепнување на областите зафатени од пожари и поплави.
Со овој проект Универзитетот активно се вклучува со своето знаење да придонесе во напорите на заедницата за намалување на ризиците од шумски пожари и поплави.
Со средства на проектот територијалните противпожарни единици од Пелагонискиот Регион ќе добијат противпожарна опрема вредна повеќе од 150.000 евра. Универзитетот ќе добие компјутерска опрема и софтвер за процена на ризици, како и опрема за виртуелна реалност за спроведување обуки, вредна повеќе од 100.000 евра.
Исто така, околу 45 професори од Универзитетот директно ќе се вклучат во проектот со цел да ги споделат своите знаења со заедницата и релевантните институции за намалување на ризиците и зголемување на подготвеноста на сите нас за справување со шумски пожари и поплави.
Со овој проект очекуваме УКЛО да стане регионална водечка институција од областите на процена на ризици и зајакнување на подготвеноста за справување со природни непогоди.
Проектот формално започна на 15 декември 2021 и ќе трае до 15 декември 2023, а ќе го координира проректорот за наука, проф. д-р Игор Неделковски.
(Комерцијална објава)