Многу Македонци одат на омилените места и го прошируваат кругот на пријателства со помош на овој сервис
„Светот е подобар доколку патуваме, а патувањето е побогато доколку се дружиме“. Ова е главното мото на Couchsurfing, онлајн-сервис за угостителство и дружење, достапен преку веб-страница и мобилна апликација.
Ако сте авантуристи, сакате многу да патувате, а немате пари, оваа апликација претставува идеална можност за вас. Особено е корисна за младите и студентите што имаат желба да откриваат нови места, а сѐ уште живеат од буџетот на своите родители.
И Македонците го користат овој сервис
Успешноста на Couchsurfing може да ни ја потврдат и младите од Македонија. Многу Македонци одат на омилените места и го прошируваат кругот на пријателства со помош на овој сервис. Но, Македонци и им го позајмуваат својот кауч на патувачи од целиот свет.
- За Couchsurfing дознав случајно, ме заинтересира можноста да патувам за помалку пари. Страницата е генијална. Функционира така што читаш коментари од луѓе што веќе биле кај одредени домаќини. Испраќаш порака за да се запознаете, а по престојот оставаш и ти свој коментар како си поминал кај домаќинот. Едноставно кажано, некој од другиот крај на светот што има слободна соба или кревет ти го ослободува на неколку дена, а за возврат добива ново интернационално пријателство – вели Анета Несторовска, студентка, која преку оваа страница пет дена бесплатно престојуваше во Рим.
Дали е безбедно да спиете кај непозната личност? Ова е прашање што секако ќе си го поставите пред да се одлучите да го користите овој сервис.
Couchsurfing дозволува оставање коментари со позитивни искуства, но и забелешки од страна на членовите за домаќините кај кои престојувале. Така лесно може да направите преглед кај кого би било најдобро да се сместите. Исто така, ако имате некаков сомнеж, постои опција да ги контактирате и личностите што веќе биле сместени кај домаќинот.
Авантуристи и добронамерни луѓе
Но, идеологијата на Couchsurfing не е само да земаш, туку и да дадеш. Ако веќе неколку пати сте го користеле сервисот, корисниците ќе очекуваат да го видат вашето име и на листата со домаќини.
- Морам да потенцирам дека Couchsurfing исто така нуди опција и да му помогнеш некому да се снајде во твојот град, доколку не си во можност да му понудиш престој. Најголем дел од корисниците се авантуристи, добронамерни луѓе кои ќе направат сѐ за да се чувствуваш како дома - ни открива Несторовска.
Сепак, желбата да се осознае и искуси нешто ново останува како главна мотивација на младите да се одлучат за овој потег.
- Најмногу сакав да запознам некој од друг град, да ми ги каже тајните на градот, да предложи места скриени од туристите, интересна храна, но и да размениме искуства од претходни патувања. Оваа апликација е одлична можност да им се помогне на луѓето што патуваат, а особено на студентите кои имаат желба да откриваат нови места, а сѐ уште живеат од буџетот на своите родители – додава Несторовска.
Couchsurfing денеска е глобална заедница од 14 милиони луѓе во повеќе од 200.000 града кои ги споделуваат својот живот, своите навики и своето патешествие.
Сѐ поголем е бројот на младите што токму преку Couchsurfing престојуваат во најпопуларните светски градови, како што се Лондон, Њујорк, Париз. Парите што би ги потрошиле на сместување ги давате за прошетка со новите пријатели што ги запознавате таму.