X
 14.09.2022 Наука

Пронајдени дијаманти од друга планета во Африка

Во метеорити што паднале во Северозападна Африка биле пронајдени необични хексагонални дијаманти за кои се смета дека потекнуваат од друга планета.

Се претпоставува дека пронајдените дијаманти во четири метеорити потекнуваат од стара џуџеста планета, а научниците посочуваат дека постои можност дека тие се поцврсти од земните дијаманти.

- Ова е возбудливо откритие бидејќи имаше луѓе на терен кои се сомневаа во постоењето на овој материјал - изјавил Алан Салек од Универзитетот РМИТ во Мелбурн, кој бил дел од тимот што стигнал до откритието.

Хексагоналните дијаманти, како и обичните дијаманти, се направени од јаглерод, но неговите атоми се распоредени во хексагонална структура наместо во кубна, што е случајот со дијамантите на Земјата.

Ваквите дијаманти првпат биле откриени во метеорити во САД и во Индија во 60-тите години, но тие биле толку мали што било тешко да се потврди дека тоа навистина се хексагонални дијаманти.

Во новото откритие научниците користеле електронски микроскоп за да анализираат 18 примероци од метеорити. Така биле откриени хексагонални дијаманти во четири метеорити во Африка, а некои од нив биле поголеми од еден микрометар, што е околу 1.000 пати повеќе од претходно откриените дијаманти.

Според хемискиот состав на метеоритите, научниците претпоставуваат дека дијамантите се формирале во џуџести планети. Се очекува овие дијаманти да бидат околу 60 отсто поцврсти од земните дијаманти.

Извор: Telegraf
Насловна фотографија: Pixabay
Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука