30.01.2015
Образование
Предлогот од ректорот на УКИМ и реакцијата од МОН
До
Г. Абдилаќим Адеми, министер за образование и наука
Министерство за образование и наука
Скопје
Почитуван г. министер,
Тргнувајќи од определбата на државата и мисијата на Универзитетот за квалитетно образование, компатибилно со европското, како и нашата заедничка улога и одговорност во унапредување на образовниот систем и зачувување и развивање на националниот интелектуален и научен потенцијал, а во врска со последните измени во Законот за високото образование и Законот за високообразовните установи за образование на наставен кадар во предучилишното воспитание, основното и средното образование, Универзитетскиот сенат на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј" во Скопје, на својата 26 седница одржана на 30.1.2015 година, донесе Одлука да Ви предложи, во најкус можен рок, да иницирате расправа со наставниците, студентите и сите релевантни чинители во процесот на високото образование, заради сеопфатна, стручна и темелна анализа од која ќе произлезе предлог за промени, односно нов закон за високото образование.
Р е к т о р
Проф. д-р Велимир Стојковски
Одговор од МОН
Во однос на денешниот предлог на Универзитетскиот Сенат
на Универзитетот “Св. Кирил и Методиј“ – Скопје, доставен до
Министерството за образование и наука сакаме да го истакнеме
следното:
Министерството за образование и наука е секогаш отворено
за дијалог и за аргументирани идеи кои значат унапредување на
високото образование и понатамошни реформи кои ќе бидат од
интерес за сите чинители во образованиот процес.
Министерството, како што веќе и претходно беше јавно
истакнато од наша страна, е подготвено во следниот период да
организира процес на сеопфатна, стручна и темелна анализа со
сите субјекти во оваа сфера, како и разгледување на најдобри
практики и искуства во оваа сфера, процес од кој би можеле да
произлезат предлози за реформи и подобрувања во високото
образование.
Веруваме дека понатамошното унапредување на квалитетот
на високото образование е темелна определба на сите нас и
истакнуваме дека предлогот на Сенатот на УКИМ го цениме како
конструктивен.
Министерство за образование и наука