Програмерскиот маратон Codefest 2015 (http://codefest.ninja) во партнерство со новото издание на Startup Weekend Skopје (http://sw.mk), ќе се обидат позитивно да влијаат на што повеќе македонски тимови кои ќе учествуваат на овие два настани.
Codefest е национален програмерски маратон за студенти, кој по трет пат ќе се одржи на 18-19 април на Универзитетот за информатички науки и технологии „Св. Апостол Павле“ во Охрид, а е организиран од студенти и дипломци на Универзитетот. Целта на настанот е да се приближат компаниите до студентите и да препознаат таленти со кои ќе можат понатаму да соработуваат, да ги поддржат нивнитe проекти или да ги вработат.
Најдобрите тимови од Codefest ќе ја имаат можноста да ги презентираат своите идеи и продукти на кои ќе работат за време на настанот пред менторите и судиите на Startup Weekend Skopје, а со тоа да се вклучат во директна конкуренција со другите пријавени тимови, да стекнат и разменат искуства, познанства и да станат дел од македонската стартап заедница. Исто така, дел од организаторите на Startup Weekend Skopje ќе се вклучат како ментори на Кодфест, со цел да се запознаат со тимовите и што е поважно, да го поддржат развојот на нивните идеи во делот на развој на продукт и развој на бизнис.
“Вредноста на искуствата лежи во нивното споделување. Токму настаните како Codefest и Startup Weekend Skopje се одлична можност за стекнување нови искуства и креирање на нови вредности, и секако ваквите настани придонесуваат за развој на целата македонска стартап заедница.” - изјави еден од ко-организаторите на Startup Weekend Skopje и ментор на Codefest Теди Пејоски.
Врската меѓу двата настани е во тоа што на Codefest тимовите ќе работат на развивање на креативна и иновативна идеја до демо продукт во текот на 32 часови, a Startup Weekend доаѓа како следно ниво за овие тимови – настан на кој можат да ја доразвијат својата идеја и да работат на нејзиниот бизнис потенцијал и претставување пред релевантни професионалци. Startup Weekend Skopje оваа година ќе се одржи по четврти пат од 8ми до 10ти мај во Telekom Innovation Center.
Startup Weekend Skopje претставува 54 – часовен глобален настан каде се здружуваат програмери, менаџери, студенти, маркетинг експерти и млади претприемачи со цел да генерираат нови идеи за бизнис и да направат план како успешно да ги реализираат, каде ментори се локални и меѓународни стартап експерти. Оваа година организаторите на Startup Weekend Skopје поддржани од Македонски Телеком ветуваат супер локација, интересни игри и забава за време на настанот, искусни ментори, судии и атрактивни награди за победниците.
Startup Weekend Skopје, заедно со Codefest и Silicon Drinkabout Skopje, на сите учесници на Codefest ќе им приредат и уникатна можност да бидат дел од стартап забавата и вмрежувањето кое веќе неколку месеци се организира во Скопје, со тоа што ќе организираат Sillicon Drinkabout настан во Охрид непосредно пред Codefest.
(
Silicon Drinkabout Skopje e глобален “afterwork” настан за стартапи и стартап ентузијасти. Настанот има за цел да ја вмрежи и поддржи стартап заедницата во конкретната држава, на забавен и релаксиран начин, без премногу формалности. За повеќе информации за охридското издание на Silicon Drinkabout следете ги Facebook страниците на Стартап Викенд Скопје:
https://www.facebook.com/StartupWeekendSkopje?fref=ts и Codefest:
https://www.facebook.com/pages/Codefest/926573710705257.)
Аплицирањето за двата настани – Startup Weekend Skopje и Codefest 2015 е во тек, а организаторите ги покануваат сите заинтресирани тимови да си обезбедат место за настаните.