X
 08.04.2015 Култура

Велигденски базар во Капитол мол за децата со оштетен вид


 
Државното училиште за деца и младинци со оштетен вид „Димитар Влахов“ од Скопје, денес во Капитол мол заедно со вработени во Рош и Црвениот крст, организираше ВЕЛИГДЕНСКИ ХУМАНИТАРЕН БАЗАР.

На базарот се продаваа рачно изработени велигденски корпи, а преку активностите и поддршката од посетителите на Капитол Мол се подигна самодовербата на учениците, бидејќи придонесоа за задоволување на некои од потребите на своето училиште. „Димитар Влахов“ заедно со Црвениот крст на град Скопје во моментов е вклучен во проектот „Сподели светлина“ чиј што покровител и донатор е фармацевтската компанија Рош.



„Во рамките на оваа програма нашите учениците, заедно со волонтери од Рош и Американското катче ќе изработуваат мали проекти преку кои ќе придонесат за општото добро во одреден сегмент од заедницата. Преку сето ова учениците со оштетен вид се ставаат во улога на волонтери и докажуваат дека и тие имаат способности и вештини, можат и сакаат да бидат хумани и да им помогнат на сите на кои им е неопходна помош“ - изјави Др. Горанчо Јакимов, Директор на училиштето „Димитар Влахов“.

Фармацевтската компанија Рош со проектот „Сподели светлина“ е детерминирана да пренасочи дел од своите финансиски и човечки ресурси за подигнување на нивото на условите за учење, средствата и неопходните материјали потребни за континуиран развој на потенцијалите на децата и младите со оштетен вид. „Би сакал да нагласам дека се работи за долгорочен и суштински проект, кој ќе ја олесни инклузијата на лицата со оштетен вид во општеството. Не сакавме проектот да се сведе на еднократна донација, туку напротив на долг рок ќе изнаоѓаме и ќе решаваме суштински потреби на лицата со оштетен вид во Македонија и ќе го вложиме сето наше расположливо знаење и компетенција за да им излеземе во пресрет на потребите на оваа група граѓани“ - изјави Уфук Апајдин, Директор на Рош Македонија.

Државното училиште за деца и младинци со оштетен вид ,,Димитар Влахов,, - Скопје, веќе 60 години опстојува како единствена установа во Македонија која се занимава со образование и воспитание на децата и младинците со оштетен вид на возраст од 6 до 18 години. Во рамките на државното училиште функционира, основно, средно стручно образование, како и ученички дом. Во средното стручно образование, покрај образовниот профил графичар, функционираат и уште два образовни профили, физиотерапевт-масер и манипулант на телефонска централа. Програмите според кој се следи наставата и во основното и во средното образование се идентични според целите и содржините како и во редовните училишта, но се користат поинакви наставни средства и помагала.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура