Дружење со роботите по шести пат
Целата манифестација е наменета за студентите и средношколците кои имаат
интерес за оваа проблематика. Затоа, ги поканувам сите заинтересирани
студенти и матуранти да учествуваат во овогодинешниот RoboMac
1. Годинава, по шести пат, го организирате RoboМac 2015. Кои се новитетите со што ќе се
претставите во јавноста?
- Точно. По шести пат го организираме семинарот и натпреварот за роботика RoboМac.
Негова цел е да се популаризира роботиката, односно да се обезбеди размена на
знаење и искуства меѓу учесниците, да се приближи роботиката до средношколците и
да се популаризира меѓу студентите. Настанот ќе се одржи од 9. до 14.јуни 2015
година. Манифестацијата ќе кулминира со финалниот натпревар кој ќе се одржи на 13
јуни (сабота) каде ќе се презентира се што е сработено во текот на работилниците.
Годинава учесниците ќе може да се натпреваруваат во шест категории: Sumo, Robotic
Arm, Humanoid, Right Target, Race. Новитет за оваа година, е категоријата AI and PI
(Artificial Intelligence and Raspberry PI). Организатори на настанот се Студентски Огранок
на Македонската Секција на Институтот за Електро и Електронички Инженери (ИЕЕЕ) и
Студентскиот Парламент на ФЕИТ, а домаќин е Факултетот за Електротехника и
Информациски Технологии – Скопје.
2. Кој ќе учествува на овој семинар? За кого е наменет?
- Целата манифестацијата е наменета првично за студентите, а секако и за
средношколците кои имаат интерес за оваа проблематика. Затоа, ги поканувам сите
заинтересирани студенти и матуранти да учествуваат во овогодинешниот RoboMac.
Пријавувањето веќе трае и може да се пријават на нашата интернет страна
http://robomac.com.mk/ со едноставно пополнување на апликацијата за учество.
3. Рековте дека RoboMac се организира шеста година по ред. Веќе може да
зборуваме за традиција?
- Настанот прв пат се одржа во 2009 година и досега успешно го трасира патот кон
сопствено етаблирање во јавноста и кон истражувачите и пасионерите за роботиката.
Се однесува и за Македонија и за луѓе надвор од земајва. Изминативе години беа
промовирани вкупно 10 натпреварувачки категории и секоја година, на настанот се
промовира нова категорија. Целта е категориите да бидат во тренд со светските
актуелности од роботиката.
Настанот има интернационален карактер со присуство на учесници од Хрватска,
Србија, Босна и Херцеговина, Грција, Бугарија, Шпанија, Полска, Турција, Словенија,
Германија, Финска, Естонија... Се разбира, бројот на учесници од Македонија и од
различни држави, ќе се зголемува секоја година.
4. Што ќе добијат средношколците и студентите што ќе го посетат овогодинешниот
RoboMac 2015?
- Настанот, покрај натпреварувачкиот, има и образовен карактер. Во изминативе пет
години, на наше големо задоволство, имавме организирани предавања на професори
и експерти од областа на роботиката и вештачката интелигенција, како и стручни лица
од индустрискиот сектор. Оваа година, дел од темите се однесуваат на евтината
сервисна роботика, избори и компромиси за време на дизајн и изградба на робот,
интелигентни системи, фази - логички системи, иднината на вештачката интелигенција.
На учесниците им ветуваме забавен, незаборавен и несекојдневен настан, кој покрај
официјалната агенда ќе биде надополнет и со неформални случувања.