На годинешниов натпревар во роботика РобоМак 2015 што се одржа во Скопје од 9 – 14 јуни, во
категоријата Роботска рака со златен медал се здоби Филип Илиески, студент на Универзитетот за
информатички науки и технологии „Св. Апостол Павле“ од Охрид. Успешниот победнички проект
ја претставува работата на две роботски раце оспособени за исполнување на специфични задачи
што вклучува прецизни и брзи движења, кои притоа самостојно селектираат производи за
рециклирање. На овој натпревар учествуваа осум студенти од УИНТ „Св. Апостол Павле“, а
освоениот златен медал е уште еден доказ дека студентите на УИНТ успешно го применуваат
стекнатото знаење и вештини од областа на информатичките технологии и роботиката. Како што
изјави победникот, на овој натпревар веќе учествува по трет пат и е најдобриот натпревар во
роботика кадешто има можност да се претстават многу иновативни идеи и да се остварат нови
професионални контакти.
РобоМак е меѓународен натпревар за роботика и вештачка интелигенција, организиран од страна
на студентската секција на IEEE Македонија во соработка со различни студентски организации.
Оваа година настанот се одржа по шести пат. Визијата на овој настан е да се популаризира
роботиката меѓу студентите и младите во Македонија и регионот, како и да се иницира и поткрепи
работата на многу други проекти од областа на роботиката.