Министерот за труд и социјална политика Диме Спасов, министерот за информатичко општество и администрација Иво Ивановски и директорот на Агенција за вработување на Република Македонија Влатко Поповски на прес конференција за медиумите информира за Јавниот оглас за долгорочно невработени лица за учество во Обуки за напредни ИТ вештини.
„Министерството за труд и социјална политика во соработка со Агенцијата за вработување и министерството за информатичко општество и администрација ја овозможуваат оваа обука за напредни ИТ вештини коишто се побарувани на пазарот на трудот, односно од коишто имаат потреба работодавачите од вакви лица кои ги познаваат овие вештини. Како Министерство во соработка со Агенцијата за вработување, покрај субвенциите коишто ги даваме за вработување и грантовите за самовработување продолжуваме со реализација на мерките за подигнување на капацитетите на невработените лица, а со тоа и со зголемување на можностите побрзо да стигнат до работно место и да станат поконкурентни на пазарот на труд”, рече Спасов.
Тој објасни дека јавниот оглас којшто е објавен е наменет за 220 невработени лица за да се стекнат со обука за напредни ИТ вештини, односно за обуката Јава програмер како и за обуката програмер за веб апликации за двете обуки ќе бидат опфатени по 110 невработени лица. Средствата ќе се реализираат во износ од околу 18 милиони денари, средства коишто се добиени од проектот преку ИПА програмата.
“Приоритет при учество за обуката за ИТ вештини ќе имаат долгорочно невработените лица коишто се активни баратели на работа и лицата коишто подолго од 1 година се без работа, како и невработените лица активни баратели на работа коишто изразиле интeрес преку индивидуалниот план за вработување да учествуваат во овие обуки. Имено, изминатиов период, заклучно со 2014 година во вакви видови на обуки учествувале 471 лице, додека пак успешно ги завршиле обуките 375 лица од којшто пoстигнати вработувања се вкупно 246, односно 65% успешност, односно постигнати вработувања на лицата коишто се стекнале со одредени сертификати”, појасни Спасов.
Сите лица што ќе учествуваат во овие обуки и ќе ги завршат истите ќе се стекнат со меѓународно признаени сертификати коишто ќе им служат во понатамошната работна кариера.
“Би сакал да ги мотивирам сите невработени лица што имаат афинитети кон информатичката технологија и сакаат да се стекнат со ваков сертификат и да се стекнат со овие вештини да аплицираат на јавниот повик“, рече Спасов.
Министерот за информатички општество и администрација Иво Ивановски нагласи дека во соработка со Коморите во Република Македонија беа идентификувани класи на ИТ вештини за коишто има дефицит на пазарот на труд. За оваа година тие барања од приватната комора се за Дот нет програмирање и за Јава програмирање за коишто денес започнува повикот за 220 лица и дополнително 50 лица коишто ќе се обучуваат за КАД програмерите тоа ќе биде најверојатно Маја и Ауто кат за коишто агенцијата за вработување дополнително ќе распише повик за 50 лица.
Директорот на Агенцијата за вработување на Република Македонија објасни дека со овие обуки што се објавуваат неколку години по ред, се вработиле над 65% од лицата што се стекнале со сертификат. На оваа обука можат да се пријават сите коишто имаат некои предзнаења за програмирање, односно малку пософистицирани вештини за работа со компјутерски програми и софтвери.
“За да ги одбереме најдобрите и оние што најмногу знаат, ние пред да го доделиме договорот за обука од овие обуки прво правиме предселекција. Предселекцијата е со полагање на еден пред тест којшто ги дава неговите карактеристики, односно дали тоа лице има пред знаења или нема за да може да ги користи овие програмски јазици. Така што сите оние што ќе поднесат апликација од понеделник, ќе бидат повикани на тестирање и од тоа тестирање ќе добијат бодови. Согласно со добиените бодови на тестирањата коишто ќе им бидат веднаш дадени, ќе се изврши избор, а резултатите ќе бидат поставени на страната на АВРМ и секој кандидат ќе имаат можност да види дали е избран или не“, објасни Поповски.