X
 16.06.2015 Култура

Започнува осмиот француски филмски фестивал... Погледнете ја програмата на фестивалот

Престижни француски филмски работници ќе ја посетат Македонија

На 17-ти јуни, среда со филмот „„Борци“ (2014) на режисерот Тома Каје, во кино „Милениум“, во ГТЦ ќе се отвори осмиот по ред француски филмски фестивал. Овој фестивал се одржува во организација на Францускиот институт во Скопје, а со поддршка на Министерството за култура на Македонија, Регионот на Долна Нормандија, Охридска банка-Сосиете Женерал, Публицис, оркестарот F.A.M.E.S, Младинскиот културен центар, Кинотеката на Македонија, Националната агенција за филм, Публицис, Градот Охрид, Центарот за култура во Охрид и Пежо.



Фестивалот ќе трае до 17-ти до 20-ти јуни, а програмата како и претходните неколку години ќе биде поделена во два града и тоа од 17-ти до 19-ти јуни во Скопје и на 20-ти јуни свеченото затворање ќе се одржи во Охрид. Предвидено е да се прикажат 8 долгометражни филма, а фестивалските денови ќе бидат свечено затворени во Охрид со проекција на филмот „Семејството Белие“(2014) филмско остварување на режисерот Ерик Лартиго.

И оваа година љубителите на седмата уметност ќе можат да ги погледнат најновите остварувања од француската кинематографија и да бидат дел од средбите и дискусиите со годинешните гости-учесници на филмските остварувања и тоа: Г-ѓа Ањес Сорал (актерка), добитничка на почесната награда Златна маска на фестивалот, Г-ѓа Дијан Руксел (актерка), Г-дин Антоан Лоран (актер), Г-дин Фред Корсјал (композитор), Г-дин БрисДаволи (композитор), Г-ѓа Одре Бијар, член на асооцијацијата ОФФ од Трувил и Г-дин Ален Мајор (продуцент).

Осмото издание на овој веќе реномиран фестивал е со изменет и збогатен концепт, чија цел ќе биде професионалното претставување и поврзување на македонските и француските професионалци од филмската индустрија, како и нивно вмрежување за искористување на можностите од взаемната соработка. Посебен акцент ќе се стави годинава и на дигиталните уметности, и тоа на тема филм и аудиовизуелни уметности преку организирање на работилници за дигитални уметности со цел изработка на мини-видеа со мобилни телефони (во соработка со македонските асоцијации).

Францускиот филмски фестивал претставува престижна француско-македонска манифестација и е значајна за македонската кинематографија, бидејќи дава можност да се зацврстат темелите на идната соработка меѓу францускиот и македонскиот филм, да се отворат нови можности за размена на уметници, продуценти, режисери, размена на искуства со земја која претставува лидер во европската кинематографија.

Програма на осмото издание на Фестивалот на француски филм во Македонија

СКОПЈЕ - од 17 до 19 јуни 2015 година
ОХРИД - 20 јуни 2015 година


Среда 17 јуни 2015 год.| Вечер на Цезарите

20:00 | Кино Милениум

Пречек на публиката и церемонија на минување на црвен тепих

20:30 часот - Свечено отворање на филмската манифестација од страна на :
- Н.Е. г-ѓа Лоранс Оер, Амбасадор на Франција,
- г-дин Александар Фоло, Директор за меѓународни односи на регионот Долна Нормандија, и
- висок претставник од Министерството за култура на РМ „Борци“

На Тома Каје (2014 год., 1h38), со Адел Енел, Кевин Азаис, Антоан Лоран (Цезар за Најдобар дебитантски филм за режисерот Тома Каје и Цезар за Најдобра актерка за Адел Енел)

Почесен гостин: Антоан Лоран, актер.

Арно планираше мирно лето во дружба со другарите и работејќи во семејната фирма... Мирно сè до неговата средба со Мадлен, убава колку што е незгодна, со истегнати мускули и катастрофални прогнози. Тој не очекува ништо; таа се подготвува за најлошото. До каде да ја следи, иако таа не побарала ништо од него? Ова е приказна за љубовта. Или приказна за преживувањето. Или и двете.

По проекцијата следи коктел “Сирења и вино“ во фоајето на киното „Милениум“.

Четврток 18 јуни 2015 год. | Вечер на Канскиот фестивал

12:00 – 13:30 | Француски институт Скопје

„Францускиот филмски подмладок“ - Средба и разговор со актерите Лоран Антоан и Дијан Руксел Претставување на Фестивалот OFF-Courts од Трувил од страна на г-ѓа Одре Бијар, член на асоцијацијата ОФФ

18:00 | Кинотека на Македонија „Диши“

На Мелани Лоран (2014 год., 1h32) со Жозефин Жапи, Лу де Лаж и Изабел Каре Шарли е млада седумнаесетгодишна девојка. Време на другари, на емоции, на убедувања, на страсти. Сара е новодојдена. Убава, дрска, со држење и темперамент. Накратко, ѕвезда. Сара ја избира Шарли.

20:00 | Кино Милениум „Со кренато чело “

На Емануел Берко (2015 год., 2h), со Беноа Мажимел, Род Парадо, Катрин Денев и Дијан Руксел (филм кој го отвори Канскиот фестивал) Ексклузивна средба со Дијан Руксел, актерка. Школските денови на Малони, од 6 до 18-годишна возраст, кого една судијка за малолетници и еден наставник се обидуваат неуморно да го спасат.

22:00 | Кино Фросина „Од петни жили“

На Нилс Таверние (2014 год., 1h29) со Жак Гамблен и Александра Лами Како и сите тинејџери, и Жилиен сонува за авантури и возбуди. Но кога се живее во количка, овие соништа тешко се остварливи. За да успее во тоа тој го предизвикува татко му да се натпреваруваат на триатлонот „Железниот човек“ во Ница. Една од најтешките спортски трки што постојат. Околу нив целото семејство ќе се ангажира за да го истурка до крај овој неверојатен подвиг.

Петок 19 јуни 2015 год.

Вечер на филмска музика

10:00 – 12:00 | Француски институт Скопје

Претставување на клиповите од конкурсот „Моето прво мини-видео“ Аниматор: Аник Ледерле.

Жири: Г-дин Бардил Јашари, Претседател на НВО Метаморфозис, г-дин Жонас Боше, Директор на Институтот за Човекови права и за Мир во Каен, и г-дин Лоран Копиц, Директор на Ф.А.М.Е’С. Коктел.

17:30 | Кинотека на Македонија
Ден на отворени врати ЕСРА | Средба со г-н Ален Мајор, продуцент, и со гостите на фестивалот со студенти на ЕСРА

18:30 | Ексклузивна средба на македонската публика со г- ѓа Ањес Сорал, актерка и добитничка на овогодишната почесна фестивалска награда Златна маска, и проекција „До гледање кловну“ На Клод Бери (1983 год., 1h40), со Колиш, Ришар Анконина и Ањес Сорал Ламбер, со уморен поглед и очи црвени од алкохол, живее во самотија во една париска гаража. Тој работи ноќна смена на бензинска пумпа. Бенусан, млад дилер, бега од полицијата и се сокрива во бензинската. Тие стануваат пријатели. Еден ден Бенусан го убиваат...

20:30 | Кино Фросина
Вечер „Произведено во Македонија“

Програма:
20:30-20:45 | Претставување на најдобрите клипови од работилниците „Моето прво мини-видео“

20:45-21:15 | Претставување на проектот „F.A.M.E.'S.“ и разговор со
композиторите на филмска музика, Брис Даволи и Фред Корсјал

21:15 | "Глупа гуска-принцеза на срцата"
на Камиј Котен (2015 год., 1h20) со Елоиз Ланг и Наоми Саглио Камила, 30 години, родена како Конас, сфаќа дека не го живее животот што го заслужува и одлучува дека единствената судбина која ѝ е на ниво е да живее како кралица.

23:00 | Музичка вечер организирана од францускиот оркестар F.A.M.E’.S со седиште во Скопје.

Сабота 20 јуни 2015 год. | Вечер на најгледани филмови

ОХРИД
19:30 | Конференција за печат во кафулето "„Објектив“ Средба со гостите на фестивалот и г-ѓа Ањес Сорал. Презентација на туристичката понуда на Долна Нормандија.

20:30 | Центар за култура во Охрид
Затворање на фестивалот и официјални говори на Н.Е. г-ѓа Лоранс Оер, Амбасадор на Франција, и г-н Никола Бакрачески, Градоначалник на Охрид.

Доделување на Златната маска на г-ѓа Ањес Сорал и претставување на нејзиниот портрет и проекција на: „Семејството Белие“

На Ерик Лартиго (2014 год., 1h46), со Карин Вијар, Франсоа Дамиен и Ерик Елмонино

Во семејството Белие сите се глуви освен Пола, 16-годишна девојка. Таа е неопходен толкувач на своите родители во секојдневието, имено за работата на семејната фарма. Еден ден, поттикната од нејзиниот професор по музичко кој открил кај неа талент за пеење, таа одлучува да се подготви за конкурсот на Радио Франс. Животен избор кој за неа би значел оддалечување од нејзиното семејство и неизбежно преминување во светот на возрасните.

СКОПЈЕ
20:30 | Кино „Милениум“
„Француска врска“
На Седрик Хименез (2014 год., 2h15), со Жан Дижарден и Жил Лелуш Марсеј. 1975 год. Пјер Мишел, млад судија дојден од Мец со сопругата и децата, е именуван судија за криминал. Тој одлучува да ја разбие Француската врска, мафијашка организација која извезува хероин во целиот свет. Не послушувајќи ниту едно предупредување, судијата Мишел заминува сам во поход против Гаетан Зампа, симболична фигура на тоа милје и недопирлив кум. Но тој набрзо ќе сфати дека за да добие резултати треба да ги промени своите методи.

Гости на фестивалот:
Г-ѓа Ањес Сорал, актерка и добитничка на почесната награда Златна маска на фестивалот
Г-ѓа Дијан Руксел, актерка
Г-дин Антоан Лоран, актер
Г-дин Ален Мајор, продуцент
Г-дин Брис Даволи, композитор
Г-дин Фред Корсјал, композитор
Г-ѓа Одре Бијар, член на асооцијацијата ОФФ од Трувил

Фестивалот е организиран со поддршка на македонското Министерство за култура, на Регионот Долна Нормандија, Охридска банка – Société Générale, оркестарот F.A.M.E.S, Младинскиот културен центар, Кинотеката на Македонија, Националната агенција за филм, Публицис, Градот Охрид, Центарот за култура во Охрид и Пежо.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура