На 25 јуни 2015 година, во Кинотека на Македонија, НАПАГ ја организираше Годишната конференција 2015 која воедно беше и свечена прослава на првиот роденден на Асоцијацијата. Настанот беше организиран на еден поразличен начин од општо воспоставената пракса на реализирање на вакви настани што предизвика воодушевување кај 140-те присутни гости, меѓу кои беа и генерални директори на водечки компании во Македонија, научници, претставници на општини и останати партнерски организации.
На самиот почеток на конференцијата обраќања имаа Небојша Јовановски и Аделина Фејза од Архитектонскиот факултет во Скопје кои зборуваа за нивното позитивно искуство со посетата на тримесечните сертифицирани академии Life Tools Academy и Academy Adora Inzenering. Потоа, свое обраќање имаше и претседателот на НАПАГ, д-р Виктор Ѓорѓиески кој се осврна на значењето на вмрежувањето најуспешните студенти со компаниите, општините и докажаните научници во светски рамки како една од алатките за борба против се поголемиот замав на феноменот на „одлив на мозоци“. Исто така, тој ја објасни мисијата и визијата на оваа единствена асоцијација од ваков вид и ги презентираше активностите преземени во текот на своето едногодишно постоење.
По неговото обраќање кое беше во форма на претходно подговено видео НАПАГ прогласи два почесни члена. Првиот, Д-р Кире Диманоски кој е првиот доктор на науки по железнички сообраќај и транспорт во Република Македонија и пример дека разноврсноста на образованието и професиите не мора да биде пречка за крајниот успех, односно, и покрај тоа што има завршено средно медицинско училиште, има дипломирано на техничкиот факултет, магистрирано маркетинг на економскиот факултет во Прилеп, за да пред скоро и докторира на Техничкиот факултет во Битола, тоа не го попречи толку млад да стигне до одговорна позиција како што е директор за продажба во Македонски железници Транспорт. Вториот, Даниел Михајловски, кого генералниот секретар на ООН Бан Ки Мун го прогласи како еден од идните 14 светски млади лидери, што претставува невиден успех, имајќи предвид дека има само дваесет и три години, уште како дете е останат без родители и е израснат во СОС Детско село.
Следеа свечените доделувања сертификати за успешно компелтирани академии и за членство во НАПАГ. Претставници на донатироте, „Креаторите на сонот“ ги доделија сертификатите на студентите кои тие ги стипендираа. Беким Иљази од Везе Шари во своето обраќање ги поздрави напорите на НАПАГ и потенцираше дека неговата компанија секогаш го поддржува растот и развојот на младите. Сертификатите на стипендистите на Здравје Радово ги додели извшниот директор, г-нот Панделе Панделески, додека пак претседателот на советот на општина Струмица, г-нот Јосиф Христов им ги додели сертификатите за успешно комплетирање на тримесечната академија Life Tools Academy на двајцата стипендисти на општина Струмица.
Генералниот директор на Адора инженеринг, проф. д-р Ванчо Чифлиганец, ги додели сертификатите на стипендистите од Фондација проф. д-р Ванчо Чифлиганец за успешно комплетирана тримесечна академија Адора инженеринг. Во своето обраќање ги поздрави присутните и на идните инженери, архитекти, доктори, професори, им порача дека патот до успехот не е лесен, но не е и невозможен. Се што треба е да веруваат во себе и во своите желби, да работат, бидејќи само така успехот е неизбежен. Воедно тој им порача да не застануваат тука, туку да продложат да се надоградуваат, секојдневно да вложуваат во себе, да читаат книги и да се едуцираат, следејќи ги сите иновации и новини во одбраната професија. Да бидат подобри од вчера и да се стремат за поголем успех утре.
Потоа, градоначалникот на општина Карпош, Стевчо Јакимовски, како една од активностите на проектот „Со најуспешните студенти заедно за Карпош“, свечено им ги додели сертификатите за членство во НАПАГ на 30те стипендисти на општината. Во своетот обраќање, тој им порача да продолжат да вложуваат во своето образование, а Општина Карпош секогаш ќе дава безрезервна поддршка на тој пат. Тој заклучи: „Вие ја имате најголемата предност, младоста и ако продолжите да се борите на патот кон успехот, со огромни вложувања и лична афирмација, резултатите никогаш нема да изостанат.“
Крајно, раководството на НАПАГ ги додели стипендиите за членство во Асоцијацијата на 20-те стипендисти на Град Скопје кои воедно се и дел од проктот „Со најуспешните студенти заедно за Скопје“ кој НАПАГ го реализира во соработка со Град Скопје, а како резултат на кој се очекува да произлезе и креативна маркетинг кампања за привелкување нови туристи и инвеститори во Скопје.
Настанот беше модериран од страна на младиот новинар и хуманист, Огнен Јанески, кој воедно беше прогласен и за почесен член на Асоцијацијата.