Ректорот на УИНТ „Св. Апостол Павле“ од Охрид се обрати во седиштето на ООН во Њујорк:
Универзитетот за информатички науки и технологии „Св. Апостол Павле“ од Охрид вчера
имаше ретка и исклучителна можност да се претстави во седиштето на Организацијата на
обединетите нации во Њујорк, каде што вчера се одржа Глобалната консултација за иднината
на интернетот и информатичкото општество – елитен настан којшто претставува најзначајна
претходница на Светскиот самит на информатичкото општество. Имено, на покана од
Претседателот на 69. Генерално собрание на ООН, пред присутните претставници на
државите-членки, граѓанскиот сектор и големите компании од областа на информатичките
технологии се обрати и проф. д-р Нинослав Марина – Претседател на Ректорската
конференција на Македонија и Ректор на Универзитетот за информатички науки и технологии
„Св. Апостол Павле“ од Охрид.
„Нашиот Универзитет го премостува дигиталниот јаз како своевиден космополитски мост кој ги
поврзува студентите и наставниот кадар од над 50 земји од сите континенти. Ваквата
мултикултурна и меѓународно призната средина веќе го менува амбиентот и животниот стил
на целата локална заедница во Охрид.“ Ректорот Марина како пример ја посочи својата
иницијатива „1000 идеи за подобар Охрид“, која има цел да се употреби знаењето и
креативноста на Универзитетот за да се направи Охрид „паметен град“. Во ваквите градови на
иднината, дигиталните технологии обезбедуваат подобри и поефикасни јавни комунални
услуги и поквалитетен живот за граѓаните.
Како следни чекори кои ги презема најмладиот државен Универзитет во земјава, беше
потенциран развојот на квалитетни он-лајн студиски програми и разновидни меѓународни
проекти со партнерски универзитети. „Нашите проекти се однесуваат на теми како заштита на
личните податоци во Европа, интелигентен јавен транспорт во Бразил, развој на возила на
иднината во соработка со партнери од Велика Британија, креирање сензори за управување со
водите во Африка, иновирање на платформа за поврзување на барателите на работа со
работодавачите во нордиските земји, па се до безбедност на глобалниот синџир на
снабдување во соработка со Светската трговска организација, Интерпол и Светската царинска
асоцијација.“
Консултацијата во Њујорк се одржа на десетгодишнината од Светскиот самит за информациско
општество. Учесниците говореа за низа теми меѓу кои и за обликување на процесите за
управување со интернетот, како и за употреба на информациско-комуникациски технологии за
поттикнување на развојот и изградба на инклузивно информациско општество. Изнесените
сознанија и ставови ќе послужат како подлога за дводневна декемвриска средба на високо
ниво на Генералното собрание на Обединетите нации, на која ќе се зацртаат глобалните цели
за развој на информациското општество во наредните години.