„Смртта и бесмртноста се неразделив пар, посовршен од Маркс и Енгелс, Ромео и
Јулија“ и неразделните (барем во оваа книга), Гете и Хемингвеј, кои се сретнуваат во
рајот и кои дебатираат дали самите тие или нивните книги се тоа што им донело слава и
бесмртност.“
Кога ќе ви предложат некој автор кој го немате читано, на почеток секогаш сте скептични
и воздржани... Но, верувајте, Кундера ги руши сите бариери и ви се отвора како цвеќе кога
расцутува во пролет, а воедно и сите ваши перцепции стануваат меки, светли, нежни,
ранливи... Роман во седум дела, роман за животот, роман за човекот, роман за
бесмртноста. Човекот е слика и Кундера ја опишува перцепцијата на човекот за својата
слика и сликата на другите, односно како човекот себеси се гледа како човек.
Ништо не е случајно во овој текст. Ниту еден гест, ниту една фраза. Ништо не е случајно
во животите на неколкуте парижани чии судбини се прикажани и испреплетени во овој
роман. Агнес, Пол, Лаура, луѓе со навидум обичен живот наспроти Гете, Хемингвеј, едните
сместени во овој живот, другите во бесмртноста. Паралела помеѓу животот и
бесмртноста... Правилото на Фауст – во доброто-зло; во злото-добрина и овде е
застапено: човек-бесмртност; бескрајност-живот. Дали човекот може да ја достигне
бесмртноста? Секако, но не после смртта, ами во текот на својот живот. Зашто грешиме
кога ја разграничуваме смртта од животот... Таа е само продолжение на она што нѐ чека
понатаму – бесмртноста.
Две нешта проникнуваат низ оваа книга, смртта и бесмртноста, кои „формираат еден
неодвојлив пар“, „многу посовршен од Маркс и Енгелс, Ромео и Јулија“ и неразделните
(барем во оваа книга), Гете и Хемингвеј, кои се сретнуваат во рајот и кои дебатираат дали
самите тие или нивните книги се тоа што им донело слава и бесмртност. „Наместо да ги
читаат моите книги, тие пишуваат книги за мене.“ вели Хемингвеј. „Тоа е бесмртност,“
вели Гете. „Бесмртноста подразбира вечно судење.“
Хомо сентименталис, лајт-мотивот на Кундера што се провлекува низ романот. Човекот ја
согледува сликата за себе, ја живее, ја негира, ја умртвува. Цикличен процес кој се
повторува? Само во сон. Бесмртноста е таа која треба да се доживее, не кога сме присутни
во просторот и времето, ами кога сѐ уште може да си го почувствуваме мирисот на
кожата, надвор од сите стандардизирања и етикетирања. Оти животот не е ништо друго
освен етикета која понекогаш лошо ни стои...
Искрено ви го препорачуваме, нема да зажалите!
Пишува: Сашо Дуљанов