Скопје, 2 октомври 2015 – Новоформираната компанија која настана со спојување на Оне и
Вип официјално стартуваше со работа. Со спојување на кориснички бази на двете компании,
оне.Вип прерасна во еден од најголемите телекомуникациски оператори во Република
Македонија кој ќе опслужува над 1,3 милион корисници со услуги во мобилната и фиксната
телефонија, интернет комуникациите и телевизијата.
„Заедно создадовме телекомуникациски гигант кој и понатаму ќе нуди најдобри услуги, со што
ќе биде првиот избор на македонските корисници“, изјави Никола Љушев, извршен директор
на оне.Вип, нагласувајќи дека „новата компанија и понатаму ќе се труди да создава повеќе
вредност за сите - за корисниците, вработените, акционерите, за пазарот и општеството во
целина“.
Со спојувањето, новата компанија ќе има поголем капацитет за инвестирање во сите
телекомуникациски сегменти, што ќе овозможи збогатување на понудата со најновите светски
технолошки достигнувања, понатамошно унапредување на квалитетот и развој на иновативни
услуги базирани на најнапредни технологии во фиксниот и мобилниот домен, креирајќи го
најдоброто портфолио на конвергентни фиксни-мобилни комуникациски услуги за корисниците
во Македонија.
Во периодот до целосна интеграција на сите оперативни и технички системи што се очекува да
се комплетира до крајот на 2016-та година, оне.Вип ќе продолжи да функционира преку две
засебни постојни мрежи, системи за наплата, тарифни портфолија и продажни места на Вип и
Оне. Ова значи дека корисниците и понатаму ќе ги задржат своите постојни договори и ќе
продолжат да ги добиваат услугите, под истите услови, квалитет и цени, како и досега. За таа
цел, оне.Вип ќе ги задржи сите 900 вработени од двете досегашни компании.
„Започнува нова етапа во развојот на телекомуникацискиот сектор, што за нас е дополнителен
предизвик. Следува период на целосна интеграција што ќе генерира нов, дополнителен
квалитет за корисниците и понатамошен развој на пазарот. На крајот на тој процес, новата
компанија ќе биде подготвена да ги нуди сите најсовремени комуникациски услуги на едно
место, со најдобар квалитет и најдобро севкупно корисничко искуство. Ќе понудиме нови
производи, услуги и нова содржина, задржувајќи го фокусот кон потребите на корисниците.
Истовремено ќе бидеме оние што ќе ја стимулираат конкуренција, кои ќе инвестираат во
инфраструктура, иновации и технологија со што ќе придонесеме и за вкупниот развој на
македонската економија“, истакна Љушев.
Компанијата продолжува да обезбедува стабилност за своите вработени, овозможувајќи им
услови да ги развиваат вештините неопходни за следење на најновите глобални трендови во
телекомуникациската индустрија со што тие полесно и поефикасно ќе можат да се
имплементираат и во Македонија.
Дополнително ќе продолжат и вложувањата во проекти значајни за заедницата, со што новата
компанија, негувајќи ги вистинските вредности, ја продолжува традицијата на силен
поддржувач на македонското општество.
Договорот за спојувањето на подружниците на Телеком Австрија Групацијата и Телеком
Словеније Груп во Македонија беше објавен на 22. октомври 2014 година. Според тој договор,
Телеком Австрија Групацијата поседува 55% и ќе има целосна контрола врз новосоздадената
компанија оне.Вип, додека Телеком Словеније Груп поседува 45% од сопственоста. Покрај
тоа, договорот вклучува и опции за излез на Телеком Словеније Груп од заедничката компанија
во рок од три години од завршувањето на спојувањето.