X
 15.10.2015 Образование

"Државната" диплома е поценета од "приватната"

Образованието не смее да стане луксуз затоа што тоа може долгорочно да го спречи развојот на општеството. Не случајно развиените европски држави имаат стотици години стара традиција на државно/јавно високо образование, во кое постојано вложуваат и си го ценат бидејќи тоа е богатство кое е значајно за целата земја.


Во Македонија, односно на Балканот во последниве години се случи вистински наплив на приватни високообразовни институции. Тоа овозможи да се зголеми конкурентноста на пазарот на труд, но сепак, и по повеќе години, за познавачите, поценета е дипломата стекната на некој државен универзитет одошто онаа стекната на некој приватен универзитет. Чест на исклучоците, се разбира.

Многу приватни универзитети - одраз на транзицијата


Ние градиме европски образовен систем, а тоа што на Балканот се дозволи наплив на приватни универзитети е само одраз на транцизијата, смета проф. д-р Борче Давитковски од Правниот факултет „Јустинијан Први" при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј".

- Во Хрватска и во Словенија на пример, не се дозволи отварање приватни универзитети освен некои високи школи. Скоро сите балкански земји сега ја плаќаат цената што дозволија приватни универзитети, на пример Бугарија, Србија и Македонија - смета професорот.

Шангајската ранг-листа - мерило за квалитет


Универзитетот „Св. Кирил и Методиј" неколкупати досега е на прво место на националната ранг-листа на високообразовни установи во Македонија, која ја составува Центарот за светска класа универзитети при Универзитетот Џиао Тонг во Шангај. На првите пет места од вкупно 20 високообразовни институции се уште три државни универзитети -  „Гоце Делчев“-Штип (второ), „Св. апостол Павле“-Охрид (четврто) и  „Св. Климент Охридски“-Битола (петто место). Ова рангирање се прави според методологија со 21 индикатор за квалитет - бројот на наставници или соработници кои најмалку  една година работно престојувале во странство, бројот на студенти кои биле најмалку три месеци на студентска размена во странство, број на објавени научни трудови, колку средства вложува универзитетот за истражување и друго. Со шангајското рангирање се мери квалитетот на образовните институции.

Реткост се успешните приватни универзитети


Минатата недела не` известија дека Универзитетот за туризам и менаџмент од Скопје по втор пат, односно за 2015/16 година е изгласан за Супербренд во високото образование. Оваа информација, ја соопштуваме како вовед на вашето прашање зошто меѓу другото се запишуваат студенти на нашиот универзитет, велат во оваа високообразовна институција.

- Наградата е само поттик младите луѓе кои сакаат да го оформат своето образование да не` изберат нас. Пред се` бидејќи кај нас можат да добијат квалитетно теоретско знаење, кое без исклучок се имплементира и во праксата, преку компаниите во кои ги праќаме нашите студенти. На Универзитетот за туризам и менаџмент функционираат пет факултети, советодавни одбори во кои членуваат истакнати личности, кои се дел од бизнис и општествената заедница, каде нашите студенти ја обавуваат практичната настава. Голем дел од студентите по завршувањето на праксата, добиваат и понуди за вработување. Нашите студенти знаат дека можат да добијат знаење, но и работно место. Оние, пак, поамбициозните аплицираат за мастер студии или вработувања надвор од земјата, без никаков проблем, бидејќи дипломата добиена од УТМС е важечка во целиот свет. Имаме многу студенти кои дипломирале кај нас а сега се на постипломски на повеќе универзитети во Европа или светот, или пак, работат во престижни компании - велат од универзитетот.

Автор
Антонија Поповска-Христов

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование