X
 15.03.2021 Живот

Може ли да се измери колку тежи човечката душа?

Обично се верува дека по смртта, кога човекот ќе почине, неговата коса продолжува да расте и во гробот. Исто така, се смета дека истото се случува и со ноктите. Меѓутоа, тоа не е точно и покрај фотографиите што покажуваат лешови зараснати во коса.

Едноставно, по смртта доаѓа до дехидратација, сушење на телото, а кожата во близина на влакната се собира, што остава впечаток дека влакната растат. Иако денес е познато речиси сѐ околу самиот момент на умирање, има и други проширени заблуди за тоа што се случува кога душата ќе го напушти телото. Некои дошле и од самата наука.

Американскиот лекар Данкан Мекдугал (1866-1920) во 1907 година во Хаверхил, Масачусетс, го следел умирањето на шестмина негови тешко болни пациенти, од кои, според трудот објавен во списанието „Американска медицина“, четворица боледувале од туберкулоза, еден од дијабетес, а еден од непозната болест.

Имено, Мекдугал на почетокот на 20 век се обидел да одговори на прашањето поставено од страна на филозофот Рене Декарт - колку изнесува масата на човечката душа?

Ова прашање имплицитно подразбира еден куп тешко проверливи претпоставки - за тоа дека душата постои како материјален ентитет, дека може да ѝ се придружат опсервабли кои може да се мерат, дека поседува каква било маса или дека воопшто може да биде подложна на робустни експерименти. Но, Мекдугал сепак се обидел да испита што се случува при умирањето и добил одговор за масата на човечката душа, маса која ќе стане урбана легенда - 21 грам.

За таа цел тој конструирал постела под која имало специјално направен чувствителен механизам за мерење маса. На таа смртна постела - вага, докторот Мекдугал заклучил дека при умирањето доаѓа до некои промени на масата, за што во бројот од 10 март таа година го известил и „Њујорк тајмс“.

Но, иако со неговите четворица соработници се обидел да ги елиминира последиците на потењето и другите биолошки ефекти, Мекдугал сам навел дека со многу тешкотии ги утврдил прецизните моменти на смртта на пациентите, што било пресудно за овој експеримент.

Од друга страна, имал премала статистика, а притоа добил шест сосема различни резултати. Но, во целиот експеримент оние што го толкувале подлегнале на впечатокот од прводобиениот „заокружен“ резултат.

Имено, починатите луѓе што ги испитувал Мекдугал изгубиле 21 грам во првиот, по 14 грама во вториот и во третиот, како и десет грама во петтиот тест, додека два теста биле неуспешни поради задоцнетото поставување на починатиот на кревет. Ниедно подоцнежно истражување не довело до веродостоен и повторлив резултат.

Неколку години подоцна Мекдугал без успех се обидел да направи рендгенска снимка од душата која го напушта телото, а ја мерел и масата на 15 кучиња што умирале, но утврдил дека нивната маса не се променила затоа што издишале.

Меѓутоа, податокот од првиот тест на Мекдугал, оној дека човечката душа е тешка 21 грам, толку многу се проширил во медиумите и книгите што и денес е дел од општата култура. Меѓу другото, генијалниот мексикански писател и сценарист Гилјермо Аријага го искористил и за именување на познатиот холивудски филм од 2004 година.

Извор и фотографија: naukakrozprice.rs
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот