X
 21.09.2017 Живот

Карл Густав Јунг: „Душата е светски проблем“

„Богати сме со знаење, но не и со мудрост. Најмалото со смисла секогаш е повредно од најголемото без смисла.

Како што на телото му е потребна храна, и тоа не која било туку онаа што му одговара, така и на душата ѝ е потребна смислата на нејзиното битие, и тоа не која било, туку онаа слика и идеја што природно ѝ одговараат.

Правата вистина може да го задоволи разумот, но таа никогаш не ја покажува смислата на човечкиот живот, кој е опфатен и изразен од душата. Психоневрозата е во краен случај болест на душата што не ја нашла својата смисла. Но, од оваа болест се создава и духовно креирање и напредок на духовните луѓе и причина за болеста е духовна регресија, духовна неплодност.

Кој живее постојано во страв, за тоа има и причина. Не е мал бројот на пациенти на кои стравот може да им се влее, бидејќи се изгубил нагонот за закоренување – човекот кој не стравува стои на работ на бездна. Бог е општо искуство, кој само несилниот рационализам и соодветна теологија го затемнуваат. Науката трага по вистината. Црквата има вистина и затоа не трага по неа. Бог е очигледно психички, а не физички факт, т.е. тој е само психички, но не и физички спознаен.

Неврозата во реалноста ја опфаќа душата на болниот човек или барем неговиот важен дел, па ако таа како соодветна рационализирана намера може да се отстрани како болен заб, со тоа ништо не би се постигнало, туку суштински би се изгубило. Ослободување од неврозата значи исто што и да се стане излишен предмет, бидејќи животот со тоа го губи својот врв и смисла. Болниот човек мора да научи не како да ја ослободи, туку како да се носи со неа.

Изгледа дека на општата душа на човештвото повеќе би ѝ одговарало ако на смртта се гледа како исполнување на смислата на животот и како негова вистинска цел, наместо како на бесмислен престанок. Смртта е второ раѓање и се протега преку гробот. Подобро е со време да се оди напред отколку против времето назад.

Човештвото е психолошко главно уште во стадиум на детство. На поголемиот дел потребни им се авторитет, водење и закони. Така од една страна сме дисциплинирани, организирани и рационални, а од друга страна стои угнетениот примитивец кој е лишен од образование и култура. Ова објаснува многу наши падови во застрашувачкото варварство. Без сомнение, и најголемата маса ја поседува некогаш правата вистина, но исто така и најголемата катастрофа.

Ѓаволските средства за уништување ги измислиле сосема невини господа, разумни и уважени граѓани кои се сето она што и самите сакаме да бидеме. И кога сето ќе отиде во воздух и ќе се отвори пекол на уништување кој не може да се опише, изгледа како за тоа никој да не е одговорен. Се случува едноставно, а, сепак, тоа е човеково дело. Но, бидејќи секој слепо се уверува дека не е ништо друго туку скромно и неважно битие кое само извршува обврски и заслужува скромен животен опстанок, никој не забележува дека оваа рационално организирана маса која себеси се нарекува држава или нација е гонета од една нелична, невидлива, но сила која дејствува и која од никој и со ништо не може да биде спречена. Оваа сила главно се објаснува како страв од соседна нација за која се мисли дека е опседната со ѓаволот.

Добро е познат фактот дека во лудниците, пациентите што боледуваат од страв се далеку поопасни од оние што се гонети од гнев и омраза. Психологијата на војната ова јасно го истакнала: сè што сопствената нација го прави е добро, а сè што прават другите е лошо. Најиритирачко во оваа ситуација е што постои убедување дека ако луѓето така се однесуваат, животот ќе стане поднослив, а, од друга страна, постои чувството на најжесток отпор за овој принцип да се промени. Невротично, всушност, преку невроза се принудува да се оствари овој напредок, но нормално не, па затоа се доживува психичка пречка, социјална и политичка, во форма на масовна психолошка манифестација, на пример, војни и револуција. Реалната егзистенција на еден непријател на кој може да му се натовари ова зло претставува непредвидливо задоволство на совеста – бар отворено може да се каже кој е ѓаволот, јасно е дека причината за злобната судбина се наоѓа надвор, а не во сопствениот став.

Нам во вџашувачка мера ни се закануваат војни и револуции кои не се ништо друго освен психички епидемии. Но, човекот е сега изложен на својата душевна елементарна сила. Душата е многу покомплицирана и недостапна од телото. Таа е половина космос кој постои доколку човекот е за него свесен. Затоа душата не е само личен, туку и светски проблем. Опасноста што на сите ни се заканува не доаѓа од природата, туку од луѓето, од душите на поединците и масите.

Душата е таткото и мајката на севкупните привидно нерешливи проблеми, кои пред нашите очи се вознесуваат до небо. Но, човекот на масата не ѝ вреди ништо, туку  е гола честичка која ја изгубила смислата на човечкото битие, а со тоа и душата.

Ако се изврши персонификација на државата, тогаш би се произнела како индивидуален лик, или пак монструм кој во духовен и етички поглед е далеку под нивото на поголемиот број поединци. Колку е поголема заедницата, толку повеќе индивидуалноста морално и духовно се поништува, па со тоа се кочи единствениот извор на морален и духовен напредок на општеството. Без слобода нема морал. Главната опасност се состои во директниот и индиректниот егоизам, односно во несвесното за речиси истата вредноста со ближните.

Големите проблеми на човештвото никогаш не се создавале преку општите закони, туку секогаш се решаваат само преку обнова на ставот за поединечни закони.“
Подготвил: Маја Пероска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот