Огромна санта мраз се движи кон островот Јужна Џорџија во јужниот дел од Атлантскиот Океан. Научниците велат дека можниот судир би предизвикал уништување на дивиот свет на островот.
Научниците долго го следеле движењето на сантата мраз, која е голема колку и островот. Таа се одделила од Антарктикот во јули 2017 година.
Антарктикот се загрева со огромна брзина. На 9 февруари била измерена температура од 20,75 Целзиусови степени на Антарктичкиот Полуостров, кој се наоѓа на северниот дел од континентот. Научниците се загрижени дека загревањето ќе доведе до зголемување на морското ниво.
Огромната санта мраз, која е наречена А68а, во моментов се движи кон Јужна Џорџија, која е британска
територија. Се очекува сантата мраз да удри во островот, но не се знае дали судирот ќе се случи за неколку дена или недели бидејќи таа постојано ја менува брзината на движење поради океанските струи.
Може да се одбегне судир доколку струите го однесат мразот во друга насока. Сепак, тој се наоѓа на оддалеченост од помалку од 50 километри од островот, а со оваа близина судирот речиси не може да се одбегне, вели Џерент Тарлинг, океанограф кој го следи движењето на сантата мраз.
Сантата мраз е голема 4.200 квадратни километри и е помала во споредба со периодот на нејзиното одвојување од Антарктикот пред две и пол години, кога имала 5.800 квадратни километри.
Научниците се загрижени дека сантата мраз би го уништила животот на морското дно при судир со островот, а доколку се припои на островот, сантата мраз би можела да го блокира патот за храна на фоките и пингвините. Пингвините патуваат со денови за да најдат храна, а сантата мраз би можела да им го продолжи патот доколку остане до островот.
Сантата мраз би можела да биде пречка за бродовите кои прават риболовни патроли околу островот и околните острови.
Автор: Касандра Гарисон
Извор:
weforum.org