X
 12.02.2016 Технологија

Codefest 2016 добива светска препознатливост, апликациите се во тек

Четвртото издание на Codefest ќе се одржи од 15 – 17ти април во хотелот Инекс Горица во Охрид. После 4 години искуство и зголемување на интересот за настанот, оваа година пред нас е еден настан со светска препознатливост, од кој вреди да се биде дел. Меѓу другото, на настанот ќе присуствуваат повеќе светски признаени експерти, а истиот е дел и од светска лига на настани од овој тип.


Доколку се прашувате што се сменило за Codefest во однос на претходните негови изданија, одговорот е дека концептот на настанот останува ист, но има голем број новитети, кои се пред се направени за учесниците да имаат што поголем бенефит од настанот. Codefest Marathon останува бесплатен 32-часовен натпревар за студенти од технолошките области, кои со свои тимови имаат можност да работат на сопствени креативни и иновативни идеи со добар бизнис потенција, под менторство на експерти од повеќе области.

Оваа година настанот ќе се одржи на нова локација, Дијамантската сала на хотелот Инекс Горица, со цел поудобно работење и можност за вклучување на повеќе учесници. Новитети се забележуваат и во делот на менторите и жирито, па така оваа година дел од најавените ментори се светски експерти во своите области, а сите учесници ќе имаат можност директно да работат со нив и да добијат важни совети за своите идеи.


Codefest годинава стана член на светската лига на хакатони, Major League Hacking, што му дава силен интернационален печат на настанот. Меѓу бенефициите за учесниците од ова глобално признание за Codefest, е тоа дека тимовите ќе добијат глобална видловост и промоција преку Major League Hacking. Се очекува претставници на Лигата да бидат присутни и на самиот настан, а оваа лига на хакатони е поддржана од светските компании Dell и Intel. Преку оваа соработка, учесниците ќе имаат пристап до хардверска лабораторија за време на самиот настан, која меѓу другото вклучува Arduino и Raspberry Pi сетови, Oculus Rift, итн., па доколку некој од тимовите сака да развива идеја со вакви технологии, истите ќе им бидат достапни на настанот.


Апликациите за учество на Codefest Marathon 2016 веќе се отворени, и тимовите можат да се пријавуваат на следниот линк: https://www.eventbrite.com/e/codefest-marathon-2016-tickets-20310715898. Рокот за аплицирање е 15ти март, а избраните тимови кои бесплатно ќе учествуваат на овој настан ќе бидат објавени најдоцна до 25ти март. За најдобрите тимови на Codefest Marathon 2016 се подготвуваат интересни и вредни награди. Во однос на начинот на избирање на победниците, покрај досегашните категории, ќе се воведат и неколку нови, како Фаворит на публиката.

Покрај споменатите новитети за Codefest Маратонот, концептот на Codefest годинава е проширен и со еднодневна технолошка конференција на 15ти април на која свои предавања ќе имаат наши и светски експерти од повеќе области, а ќе се разговара и околу инвестициите во стартапи и подобрување на можностите за развој. Codeference е отворена за сите посетители, професионалци и ентузијасти, а избраните учесници за Codefest Marathon ќе добијат и бесплатни билети за конференцијата. Паралелно со овие настани, ќе се одвива и бизнис експо на кое компаниите и стартапите ќе можат да се претстават и да се запознаат со учесниците и присутните гости.

Тагови:

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Технологија