X
 18.02.2016 Образование

Мобилностите за наставен кадар, драгоцено искуство ако се искористи

Кратките престои од по пет дена на многу престижни светски универзитети како дел од Еразмус плус програмата за мобилност, е драгоцено искуство за македонските универзитетски професори кои имаат можност да се презентираат себе си и своите научни достигнувања пред странските студенти, но и нивните колеги. Дел од нив кои аплицирале преку програмите на Националната агенција за европски образовни програми и мобилност, искуствата ги споделија со Факултети.мк.



Професорката Светлана Трбојевиќ од Филозофскиот факултет на УКИМ, заедно со колешката, проф. Наташа Богоевска, во рамки на Еразмус плус програмата за мобилност, гостувале на Институтот за политички науки при Универзитетот во Вроцлав, Република Полска. Тие ги презентирале стекнатите сознанија од нивен потесен научно-истражувачки интерес пред студентите на последипломски и докторски студии.Имале и можност да ги споделат искуствата со колегите кои работат на релевантно поврзани истражувања.

- Покрај, организираните предавања, средбите со академскиот кадар овозможија продлабочување на воспоставената индивидуална и институционална соработка.

За време на нашиот престој се разгледаа можностите за развивање на проекти во области од заеднички професионален интерес. Посебно би сакале да го истакенеме несебичното залагање на нашиот домаќин, раководител на програмата проф. Пјотр Сула, кој несебично се вложи во организирање на нашиот престој и ни пружи ретка можност да одржиме предавање за студенти на докторски студии, учесници на Летната Школа при ЦЕПУС-Мрежата „Етиката и политиката во европски контекст“, „Национализам и популизам како предизвици за Европската Унија“. Па така, посетата на Вроцлавскиот Универзитет ни овозможи воспоставување на контакти со колеги од повеќе реномирани Европски Универзитети, како и можност нашите истражувачки сознанија да бидат презентирани и дебатирани на горе наведената летна школа. Воедно, покрај формалниот дел, беше организирана историска посета на Универзитетот.

Посебно задоволството ни причинуваше фактот што Ректорот на Универзитетот, еминентен професор по историски науки, беше водич низ богатата архитектонска, но и интелектуална историја на Универзитетот. Имено, на Вроцлавскиот Универзитет работеле 10 добитници Нобелова награда -вели професорката Трбојевиќ, која истакнува дека целиот процес и партиципација во програмата е лесен и не е оптеретен со административни пречки.



Јованка Лазаревска-Станчевска, редовен професор на Филолошкиот факултет во Скопје користела Еразмус плус мобилност програма за наставен кадар на Универзитетот во Кемниц –Германија на Катедрата за англистика.

- Бев вклучена во изведување на наставата од областа на англиската лексикологија, а исто така бев ангажирана и во испитување и оценување на студенти коишто полагаа испит од предметот Корпусна лингвистика. Оваа програма за наставен кадар е одлична можност за стекнување нови искуства и нивна примена во подобрување на квалитетот на наставата. Ја споредувате сопствената работа со работата на своите колеги на факултетот – домаќин. Врз основа на согледувањата, можете да ги извлечете добрите искуства и да ги примените во вашата работа. Вашата работа со студентите е исто така на тест, односно се евалуира, бидејќи работите со студенти со кои што воспоставувате контакт и вашиот начин на работа треба да биде прифатен од нивна страна.

Покрај наставата, учествував и во изведување на испитите. Тоа е одлично искуство бидејќи ви овозможува да видите кои компоненти се вклучени, а воедно и можност за директна споредба со начинот на оценување на матичниот факултет. Предност се дава на прецизност и креативност - објаснува професорката Лазаревска-Станчевска.
Тагови:

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование