X
 25.02.2016 Економија

Резултати од работењето на Македонски Телеком за 2015 година



- Водечката позиција на пазарот на фиксни говорни услуги со удел од 62 отсто
- Нето добивката на крајот од 2015 година изнесува 1.243 милиони денари и е зголемена за 41,2 отсто
- Пораст од 5,3 отсто во делот на IPTV и база од 103,4 илјади корисници на MaxTV
- Во мобилниот сегмент, бројот на претплатници изнесува 1.230 илјади и е зголемен за 2,7 отсто

Македонски Телеком АД-Скопје ја задржа водечката позиција на пазарот во фиксни говорни услуги на крајот од 2015 година, покажуваат неревидираните финансиски извештаи согласно Меѓународните стандарди за финансиско известување (МСФИ). Приходите од продажба во 2015 година изнесуваат 10.615 милиони денари, што претставува намалување од 3,5 отсто во споредба со 2014 година.

Добивката од редовното работење пред оданочување на крајот од 2015 година изнесува 1.421 милиони денари и е намалена за 22,6 отсто споредено со минатата година, што го рефлектира намалувањето на приходите во мала мера компензирани од помалите трошоци.

Вкупната нето добивка пак, на крајот од 2015 година изнесува 1.243 милиони денари и е зголемена за 41,2 отсто во споредба со истиот период од претходната година. Ова е резултат на промените на легислативата за данокот на добивка коишто се применливи од почетокот на јануари 2014 година, со што данокот на добивка се плаќа во моментот на распределување на дивидендата без оглед на сопственичката структура.

„После подолг период на надолен тренд, во 2015 година успеавме да го забавиме негативниот тренд на приходите. Изминатата година ги остваривме поставените цели, ја зајакнавме нашата ефикасност, а во истовреме ги подобривме корисничките и техничките услуги. Го трансформиравме нашето технолошко лидерство во супериорно корисничко искуство, како еден од клучните компаниски фокуси. После правното спојување на Т- Мобиле кон Македонски Телеком, со воведувањето на единствениот „Телеком“ бренд и промовирањето на новото продуктно портфолио „Магента 1“, дополнително ја зајакнавме позицијата на Македонски Телеком како водечки интегриран давател на телекомуникациски услуги во земјата“, изјави Андреас Маиерхофер, главен извршен директор на Македонски Телеком.

Според неревидираните финансиски извештаи, Македонски Телеком на крајот од 2015 година успеа да ја одржи водечката позиција на пазарот на фиксни говорни услуги со удел од 62 отсто според интерните податоци. Иако приходите од говорните услуги во фиксната телефонија се намалени за 12 отсто споредено со 2014 година, со бројката од 225 илјади корисници Македонски Телеком на крајот од 2015 година е на лидерската позиција на пазарот на фиксни говорни услуги.

Базата на DSL корисници на крајот од 2015 година остана стабилна во споредба со претходната година и изнесува 190 илјади корисници, додека уделот на пазарот на широкопојасен интернет изнесува 49,3 отсто, според интерните податоци.

Како резултат на високиот квалитет, интерактивноста и уникатното тв искуство, Македонски Телеком во 2015 година оствари добри резултати со дигиталната телевизија, односно со IPTV услугата. На крајот од 2015 година, бројот на MaxTV корисници изнесува 103,4 илјади што претставува зголемување од 5,3 отсто отсто во споредба со 2014 година.

Со тоа, Македонски Телеком има најголем удел на ТВ пазарот достигнувајќи 24,3 отсто од вкупниот ТВ пазар, според интерните проценки.

Во мобилниот сегмент, Македонски Телеком има удел од 47,3 отстo, согласно интерната проценка. Базата на претплатници на крајот од 2015 година изнесува 1.230 илјади претплатници и е зголемена за 2,7 отсто во однос на крајот на 2014 година кога изнесуваше 1.197 илјади претплатници.

Приходите од говорни мобилни услуги на крајот од 2015 година се намалени за 11,2 отсто во споредба со истиот период од претходната година, како резултат на намалувањето на тарифите. Трендот на зголемено користење на мобилните услуги продолжи, при што сè повеќе минути се опфаќаат во пакетите за иста цена. Следствено, како одраз на намалувањето на тарифите и зголемената конкуренција, просечниот приход по корисник е намален за 8,6 отсто во споредба со истиот период од 2014 година.

Приходите од неговорни услуги се зголемија за 7,5 отсто во споредба со 2014 година, како резултат на зголемените приходи од мобилен Интернет и поголем податочен сообраќај, како и зголеменото користење на податочни тарифни модели. На крајот од 2015 година, приходите од системска интеграција и ИТ се зголемени за 145 отсто во споредба со истиот период од претходната година, поради зголемените приходи од ИКТ проекти, Cloud Computing услугите и други интегрирани решенија за бизнис корисници. Во најголем дел, зголемените приходи произлегуваат од проектот со јавното сообраќајно претпријатие „ЈСП Скопје“ за воведување на електронска наплата на автобуските билети.
Тагови:

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Економија