Освен за летови од Скопје кон европските градови, „Рајан ер“ го разгледува и охридскиот аеродром како потенцијално одредиште за некои авиолинии, особено за во летниот период.
Сѐ поголеми се шансите нискобуџетната авиокомпанија „Рајан ер“ да почне да лета и од Скопје. Најголемиот нискобуџетен авиопревозник во светот ги најави ваквите планови уште минатата година, кога почна преговори со македонската влада, но од почетокот на годинава почна да става поголем акцент на планирани операции од земјите од поранешна Југославија, вклучувајќи ја и Македонија .
Новите летови на „Рајан ер“ од Балканот кон другите европски земји ќе се овозможат со отворањето на нови бази во романскиот град Темишвар и во бугарската метропола Софија на почетокот од годинава. Нискобуџетниот превозник го зголемува бројот на операции од Задар и од Подгорица, но менаџментот на компанијата најави дека во следниот период ќе се концентрираат на воведување летови од Скопје и од Тиват, пренесува специјализираниот портал за авијација „Екс-ју авиејшн“.
Освен за летови од Скопје кон европските градови, „Рајан ер“ го разгледува и охридскиот аеродром како потенцијално одредиште за некои авиолинии, особено за во летниот период. Во моментов, до и од Скопје лета само една нискобуџетна авиокомпанија, унгарската „Визер“, која изминатите неколку години добива субвенции од македонската влада. Сепак, раководството на турскиот оператор со двата македонски аеродрома, „ТАВ“, смета дека има простор и за влез на други нискобуџетни авиокомпании.
- Скопје во моментов е успешна база на авиокомпанијата „Визер“, но сметаме дека постои значителна можност за уште нискобуџетни оператори – изјави неодамна генералниот извршен директор на ТАВ холдинг, Сани Шенер.
„Рајан ер“ е најголема авиокомпанија во Европа и најголема компанија според бројот на пренесени патници во светот. Овој нискобуџетен превозник беше пионер во воведувањето евтини авионски летови, прво меѓу помалку користените аеродроми во Европа, а денес поврзува 30 европски држави, најмногу во западна Европа. Според најавите на менаџментот на „Рајан ер“, компанијата планира годинава акцентот да го стави на нови дестинации во централна и источна Европа, дел кој сега генерално го покрива „Визер“.
Коментирајќи ја „инвазијата“ на „Рајан ер“ во источна Европа, менаџментот на авиокомпанијата истакна дека тоа ќе биде борба со најголемиот конкурент „Визер“.
- Според нашите проценки, ќе станува сѐ потешко за Визер имајќи ги предвид нашите трошоци и нашите предности во поглед на цените. Ќе биде интересно во следните неколку години – изјави главниот маркетинг-директор на „Рајан ер“, Кени Џејкобс.