X
 27.04.2016 Образование

Запознајте ја Милијана, талентираната ученичка која "скокнала" едно одделение

Талентираните и надарените македонски ученици често се губат во целиот образовен ситем, кој бувално ги пропушта, па се претопуваат во масата и остануваат незабележани. Затоа многу е важно, како родителите, така и наставниците да ги препознаат, и да им пружат поддршка и внимание за да го развијат талентот и правилно да ја насочат дарбата. Ова за среќа не е случај со талентираната ученичка Милијана Стојановиќ (10 г.), која учи во основното училиште „Лазо Ангеловски“ во Скопје. Благодарение на тоа што нејзините родители и наставници забележале дека е талентирана, таа „скокнала“ едно одделение.


Нејзината мајка Александра ни објасни дека забележале дека Милијана е талентирана уште кога имала 2-3 години. Пројавила интерес за да ги научи буквите, иако не знаела чисто да зборува.

- Нејзиниот 7 години постар брат се подготвуваше за натпреварот „Кенгур“ по математика и имаше интересни задачи од Нумерус, а таа седеше спрти него и гледаше во збирките. Тогаш му се обрати на татко и со реченицата: "Боби ја ненам читам." Татко и го викаше по име и тогаш ја прашавме дали сака да ја научиме буквите. Веднаш почнавме и така секојдневно како ќе дојдеше од градинка така ќе отрчаше во собата и ќе ги донесеше буквите кои како картички ги имавме и ќе седнеше и ќе ги учеше. Потоа почна да ги спојува и полека да чита сликовници. Во градинка учителките додека им читале сликовници на дечињата таа ќе си земела книгичка и си читала. Во почетокот учителките мислеле дека го измислува текстот, но кога се сконцентрирале забележале дека навистина го чита.


Беа многу возбудени и изненадени и ветија дека ќе поработат со неа дополнително, но тоа не се случи - раскажува Александра.

Со наполнети 5 години Милијана била подготвена за на училиште, но морале да почекаат следната учебна година за да ја запишат во прво одделение.

- Во текот на таа година започна и на курс по англиски, но во група која веќе оди на училиште и знае да чита, па се договоривме со професорката само да биде присутна и да ги слуша без обврски да чита и пишува. Милијана знаеше и латиница, така да не дозволи да не учествува во наставата туку секој час се повеќе и повеќе учеше. Професорката беше пресреќна што има таков ученик и не поттикна да го провериме нејзиното знаење во Центарот за ментално здравје каде се добиваат потврди со цел да оди во септември директно во второ одделение.

Но, при уписот ни кажаа дека тоа не е можно и дека треба најпрво да се запише во прво одделение а ако постои можност, ќе проверат дали ќе може да оди понатаму во второ. Тоа и се случи така во второ полугодие премина во второ одделение.


Немаше никакви проблеми ниту пречки да го совлада материјалот и така со успех си го заврши одделението. Наше мислење е дека правилно постапивме што го направивме тој чекор - вели мајката Александра.

Да се биде родител на талентирано дете секако не е нималку лесно, па родителите секојдневно се соочуваат и со многу предизвици. Мајката на Милијана раскажува дека таа е премногу одговорна, дисциплинирана, исполнителна, љубопитна и сите задачи ги совладува со голема леснотија.

- За неа ниеден проблем што се однесува на предметите од училиште не е проблематичен дури секогаш сака уште повеќе да учи. Со голема посветеност се труди сите задачи да ги направи најдобро што може. Сите обврски ги завршува самостојно и без ничија помош. Дома немаме никакви потешкотии од совладување на материјалот од училиште и затоа работи дополнителни задачи и оди на натпревари. Покрај училишните активности таа е талентирана и за спорт, редовно оди на тенис и ракомет. На три години научи да скија иако од цуцлата не се одвојуваше. Вози ролерки, велосипед, плива но најомилен и е тенисот. Сега дури и го освои турнирот во тенис кој се оддржа викендов во нејзина категорија- портокалов рекет.


Соработката со наставниците од училиштето е одлична, што е од особена важност кога се работи за талентиран или надарен ученик. Милијана е секогаш присутна на настаните на училиштето, кога треба нешто да се изрецитира, промовира или да го претстави училиштето.

- Особена ни беше честа кога нејзината наставничка Светлана Јосифовска и ја укажа честа да биде дел од промоцијата на сликовницата за Мајка Тереза на која и самата беше стручен рецензент и пред присутните гости ја изрецитира поемата "Проштевање". Кај сите присутни побуди особени чувства , буквално ги разгали душите на сите присутни - вели Александра.

Милијана пак ни кажа дека омилени предмети во училиште и се македонски јазик, математика и англиски јазик.

- Многу сакам да читам, да пишувам текстови, да раскажувам и опишувам настани, како и да составувам песни. Сакам да решавам потешки и проблематични задачи. Ги сакам и странските јазици, англискиот особено, но имам желба да научам и германски, а летово малку научив и грчки јазик. Имам освоено повеќе награди: неколку први места по математика почнувајќи од трето одделение кога почнавме да се натпреваруваме (на училишен, општински и регионален натпревар), исто така и на натпреварите по англиски јазик. Учестував во повеќе хуманитарни акции на кои се претставуваме во повеќе училишта како и во спомен куќата Мајка тереза, каде ги рецитирав песните и поемите за Мајка Тереза како и мудростите кои таа ги има напишано и оставено зад себе - вели таа. Милијана има посебна дарба за рецитирање. Вели дека преку рецитирањето сака да ги изрази нејзините чувства, но и на сите кои ја слушаат да им ја пренесе пораката која авторот на песната ја напишал.

- Сакам многу да пишувам , и кога ќе напишам некој текст или песна , сакам да ја споделам со некого. Кога го скокнав прво одделение се чувствував чудно, возбудено , но набрзо се прилагодив и времето многу брзо ми минуваше. Го совладав материјалот кој моите другарчиња веќе го поминале и лесно ми беше да продолжам - вели Милијана.

Министерството за образование и наука не води статистика колку вакви дечиња има во земјава и колку од нив го користат правото да преминат во повиско одделение. Милка Тримческа, директорка на училиштето во кое учи Милијана вели дека мора да им се излезе во пресрет на ваквите талентирани ученици. Таа ни го објасни процесот на забрзано преминување во повиско ниво.

- Според Законот за основно образование ученик кој има одличен успех и посебно се истакнува со способност, знаење и работни навики може побрзо да напредува.

Ученик од прво до трето одделение, по предлог на одделенски наставник, а по мислење на стручните соработници и согласност на родителот може забрзано да напредува и премине во наредното одделение, за што одлука донесува Наставничкиот совет. Ученици од прво до трето одделение преминуваат без полагање на испити за побрзо напредување. Ученик од четврто до деветто одделение по предлог на одделенски раководител, по одобрување на Наставничкиот совет и согласност од родителот исто така може забрзано да напредува, за што носи одлука советот. И во овој период полага испити за побрзо напредување. Основното училиште има обврска да организира менторска и консултативна помош од наставниците по соодветвените предмети за ученикот кој побрзо напредува - вели Тримчевска.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование