Француските научници успеале да развијат молекула која е во состојба да ја намали способноста на преживување на клетките на меланомот, без да му наштети на здравите клети, со што даваат надеж за пациентите кои страдаат од овој тип на агресивен рак на кожата.
Молекулата наречена HA15 ја развиле група на научници од францускиот Институт за здравје и медицински истражувања (Inserm) во Ница, предводени од Стефани Рочи.
Меланомот е исклучително агресивна форма на рак на кожата. „Станува збор за лош тумор на клетките на кожата со потекло од меланоцитите, клетки кои обично се наоѓаат во нашата кожа и се одговорни за синтеза на меланинот, пигмент кој на кожата ѝ дава потемна боја“, велат научниците и додаваат дека постојат три клинички фази на малигниот меланом: локализиран меланом само на кожата без клинички видливи регионални метастази, потоа клинички видливи метастази во лимфните јазли и третата фаза, кога зборуваме за рак.
„Идентификувањето на новите молекули е неопходен елемент во спроведувањето на ефикасна биотерапија кај овој вид рак, чија распространетост во последните десет години се удвои“, се вели во соопштението. Во овој контекст, француските
научници открија нова фамилија на молекули „tiazol benzensulfonamide (TZB)“ кои имаат антиканцерогени својства.
„На почеток, оваа група на молекули беше откриена кај тип 2 дијабетес. Имено, таа ја зголемуваше чувствителноста на клетките на инсулин. Но, ако сакаме да ја употребиме во бобата против ракот, ќе мора да ја елиминираме таа проинсулинска активност“, објаснува Стефани Рочи.
После бројните обиди, научниците успеале да ја променат основната структура на „TZB“ и да создадат формула чија „главна состојка“ наречена HA15 е значајна благодарение на процесот на апоптоза (програмирана смрт на клетките) и автофагоцитоза (механизам на разградување на внатрешните, непотребни и дисфункционални клеточни компоненти за да се обезбеди преживување на клетките во целост), доведува до смрт на меланом клетките.
Во експериментите спроведени врз лабораториски глувци, оваа група на молекули била високо ефикасна во намалување на големината на туморот, а притоа не била штетна за околните ткива и немала влијание врз здравствената состојба на глодарите.
„Во едно истражување спроведено врз ткивото на пациентите со меланом, се покажало дека молекулите се многу активни во уништување на клетките на меланомот, особено оние кои биле чувствителни или не одговарале на терапијата“, велат француските научници.
Се чини дека НА15 е ефикасен и на други тумори како рак на дојката, дебелото црево, простатата, панкреасот и хроничната миелоидна леукемија.
„Целта на овој проект и нашето истражување е употребата на нови молекули за лекување на меланомот, и на крајот и другите видови на рак“, изјави Стефани.
Наодите биле објавени во четвртокот во научното списание „Cancer Cell“.