Австралискиот фотограф Тим Семјуел на брегот на Бајрон Беј направил импресивна фотографија од рипка која е заробена во телото на медуза. Семјуел, кој се занимава со фотографирање под вода, изјави дека фотографијата ја направил на 50 метри од брегот.
„Океанот има секаков вид на чудни и прекрасни нешта, но никогаш не сум видел нешто вакво. Претпоставувам дека фотографијата доби толку внимание затоа што станува збор за реткост“, изјави Семјуел кој забележал дека рибата цело време го контролирала движењето на медузата.
Семјуел заедно со фотографот Френи Пламриџ ја следел рибата околу 20 минути. „Размислувавме дали да ја ослободиме рибата, но одлучивме природата да го направи своето“, вели тој.
Иан Тибетс, професор и биолог во Центарот за океанографија на Универзитетот Квинсленд изјави дека станува збор за рибата од видот „Carnax ingobilis“ за која е познато дека бара засолниште во телото на одредени видови на медузи. Медузата е од видот наречен „морска оса“ која е една од најотровните медузи во светот. Тибетс додава дека и покрај описот на фотографијата, рибата е прилично среќна затоа што е заштитена во телото на медузата.