Факултетот за електротехника и информациски технологии при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, од утре, ги отвора вратите за новите 650 студенти во учебната 2016/2017 година. Од нив, 440 бруцоши ќе се запишат во државна квота, односно 210 со ко-финансирање.
По повод уписите на УКИМ, на денешната средба со медиумите, деканот на Факултетот, професор д-р Миле Станковски рече:
„ФЕИТ како високо-образовна институција ги очекува новите колеги – бруцоши. Драго ми е што се зголемува интересот за студирање на техничките науки во Македонија. Нашите дипломи се валидни и вредносни во целиот свет. Создаваме квалитетен инженерски кадар, за што секако придонесува фактот дека ги добиваме најдобрите средношколци од земјава, имаме одличен наставен кадар, модернизирани студиски програми и поддршка од државата и од приватниот сектор“.
Освен теоретската настава, Факултетот има склучено околу 150 договори со компании од приватниот сектор, каде студентите извршуваат практична настава.
„На ФЕИТ имаме теорија и пракса. Она што ќе го научи секој студент, потоа може да го вежба во некоја од нашите лаборатории, опремени со најсовремена техничка опрема или да замине на пракса во одредена приватна компанија. Ние ја негуваме соработката со стопанството, затоа што создаваме кадар кој потоа се вработува во овие компании. На нив им требаат стручни лица со целосно заокружено теоретско и практично знаење“, вели професор д-р Христина Спасевска, продекан за настава.
Факултетот, неколку организации и компании, на најдобрите студенти на ФЕИТ, им даваат поддршка преку стипендирање.
„На ФЕИТ се потребни труд и посветеност за да се заврши. Ние посветуваме сериозно внимание на квалитетната настава. Исто така, нудиме повеќе од 50 стипендии од страна на организации кои работат во нашата област, од приватни компании кои ги поддржуваат студентите и од наша страна. На овој начин, уште повеќе ги стимулираме студентите да се посветат на едукацијата“, потенцира продеканот за финансии, професор д-р Димитар Ташковски.
За професор д-р Александар Ристески, продекан за меѓународна соработка, ФЕИТ им нуди можност на своите студенти да работат на меѓународни проекти или да ги искористат можностите за мобилност.
„Горди сме што нашите студенти многу лесно се вклучуваат во проекти од меѓународен карактер. Ова, секако, важи и за професорскиот кадар кој соработува со многу меѓународни институции, компании и високо-образовни организации во насока на развој на електротехниката и информациските системи. И нашите бруцоши, во даден момент, ќе имаат можност да се вклучат во овие проекти или да одат на размена со студенти од другите факултети во светот. Нудиме студиски програми кои се компатибилни со она што го нудат нашите колеги од други држави“, вели Ристески.
На идните студенти ФЕИТ им нуди седум студиски програми: Електроенергетика, автоматизација и обновливи изовир на енергија (ЕАОИЕ), Електроенергетски системи (ЕЕС), Електроенергетика, управување и менаџмент (ЕЕУМ), Компјутерско системско инженерство, автоматика и роботика (КСИАР), Компјутерски технологии и инженерство (КТИ), Компјутерско хардверско инженерство и електроника (КХИЕ) и Телекомуникации и информациско инженерство (ТКИИ).
Во досегашното 57-годишно функционирање, на Факултетот дипломирале повеќе од 10.000, речиси 1000 магистри и повеќе од 130 доктори на науки.