X
 16.11.2016 Наука

Драматично предупредување од Стивен Хокинг

Човечкиот род може да исчезне за околу 1.000 години доколку не избегаат од „кревката“ Земја - предупредува професорот Стивен Хокинг.

 

хокинг


Познатиот теоретски физичар објаснува дека ризиците од нуклеарна војна, вештачки вируси и малициозна вештачка интелигенција може да значат дека деновите на човештвото на оваа планета се изброени.

Професорот Хокинг ги повика луѓето да започнат да се интересираат за патување во вселената, така што иднината на човечката раса би можела да биде обезбедена меѓу ѕвездите.

„Можеби еден ден ќе можеме да ги користиме гравитациските бранови за да погледнеме назад во срцето на Биг Бенг. Најновите достигнувања во космологијата се постигнати токму од вселената каде има непрекинати погледи кон нашиот универзум, меѓутоа мора да продолжиме да одиме во вселената за да обезбедиме иднина за човештвото. Мислам дека нема да преживееме наредните 1.000 години ако не избегаме од оваа кревка планета“, изјави професорот.

Тој исто така ја изрази желбата да лета со вселенскиот брод на Ричард Бренсон.

„Затоа би сакал да ја охрабрам јавноста да се заинтересира за вселената. Јас веќе започнав со мојата обука. Ова е одлично време да се биде жив и да се направат истражувања во теоретската физика. Нашата слика за универзумот доста се промени во последните 50 години и сум среќен што сум дал некаков придонес. Фактот што луѓето се само збирки на основните честички на природата и што дојде до сфаќање на законите кои не' управуваат нас и нашиот универзум е големо достигнување“.

Професорот ја охрабри јавноста да биде љубопитна и амбициозна во нивните научни истражувања.

„Не заборавајте да ги погледнете ѕвездите, а не вашите стапала. Обидете се да добиете смисла за она што го гледате и да се запрашате за тоа што е тоа што прави да постои нашиот универзум. Бидете љубопитни - како и да изгледа вашиот живот, секогаш постои нешто што можете да го направите и да успеете во него - важно е да не се откажете“, додава тој.

 

За време на говорот на Универзитетот Оксфорд, професорот објасни дека работи на доказ дека потеклото на универзумот може да се разбере преку таканаречената „М-теорија“.

Оваа комбинација од поврзани теории е теоретска рамка која се обидува да ги усогласи гравитацијата и квантната механика, а крајната цел е создавање на „теоријата на се'“ за разбирање на универзумот.

Хокинг заедно со неговиот колега научник Џејмс Хартл работат на теории кои имаат радикален пристап за сфаќање на природата на времето.

„Ако нашиот предлог е точен, тогаш ќе се ослободиме од верувањето дека времето има почеток, на сличен начин на кој можеме да се ослободиме од проблемот за работ на Земјата (во рамна планета).

Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука