Луѓето секогаш се во потрага по трикови кои можат да ги направат попаметни: решаваат крстозборки, јадат ореви, решаваат судоку, читаат книги. Наводно, сето ова помага, но дали ќе станете навистина попаметни?
Можеби оревите и крстозборите нема да предизвикаат никакви видливи промени во краток период, но научниците открија начин како навистина да станете попаметни.
Решението е да научете уште еден јазик. Но, нема да биде доволно да научите неколку зборови од, да кажеме шпанскиот, францускиот или кинескиот јазик за да можете да поздравите некој на тој јазик. Ќе мора да станете навистина добар говорник на јазикот и да го научите совршено.
Според истражувањата направени од когнитивниот невролог Елен Бјалисток, билингвизмот или двојазичноста навистина може да ги подобри когнитивните способности и да ни овозможи да бидеме поефикасни во посложените когнитивни операции како што се решавање на проблеми, помнење и мислење. Двојазичноста ни овозможува побрзо да размислуваме, и подобро и побрзо да реагираме на некој стимул.
Што се однесува до меморијата, луѓето кои зборуваат најмалку два јазици полесно се потсетуваат на информациите и случувањата, подобро ги исфрлаат непотребните информации и се насочуваат на оние важните, без оглед дали станува збор за прашања за јазикот или некои други теми. Се претпоставува дека токму поради тоа луѓето кои зборуваат повеќе јазици ги игнорираат „пречките“ од другите јазици и се фокусираат само на оние кои им служат во моментот.
Професорката Бјалисток во своите истражувања отиде чекор подалеку со цел да набљудува како двојазичноста влијае врз когнитивните способности на постарите лица, и дали може да им помогне на оние луѓе кои имаат деменција. Постарите лица кои учествувале во истражувањето покажале подобри резултати во тестовите за меморија и многу подоцна започнале да покажуваат знаци на деменција и други болести поврзани со стареењето.
Двојазичноста исто така влијае врз физичките аспекти на мозокот: ја зголемува сивата материја која е одговорна за процесирање на информациите и интелектуалната активност.