X
 16.02.2021 Наша тема

Иако февруарските врнежи малку го освежија, Преспанското Езеро сѐ уште се бори за живот

Февруарските врнежи малку го освежија нивото, но далеку е од подобрување на состојбата

Преспанското Езеро секој ден се бори за живот. Фигуративно кажано - дише на респиратор. Се соочува со сериозна еколошка катастрофа. Веќе подолг временски период е во критична состојба. Се подготвуваат анализи за нивото на водата, за животот во езерото, студии за ревалоризација, стратегии за спасување, сѐ што би му овозможило оживување и вештачко дишење.
Февруарските врнежи малку го освежија нивото, но далеку е од подобрување на состојбата.

Состојбата е алармантна

Врнежите во изминатиов период го зголемија нивото на езерото, вели Ајман Ал Мала, раководител на секторот за животна средина во Општина Ресен.
Во моментот водостојот, односно нивото на водата во Преспанското Езеро, е на 513 сантиметри под нултата кота, која е на 847,60 метри согласно водомерната летва во село Наколец.

- Тоа покажува покачување на нивото на водата во езерото за околу 20 сантиметри по последните врнежи во регионот Преспа. Состојбата и понатаму е алармантна и сето тоа е резултат на многу фактори што директно или индиректно влијаат врз состојбата со водостојот (хидролошката), како и врз природното богатство (видовите и живеалиштата) кои се познати не само на локално, туку и на национално и светско ниво. Активностите на човекот, климатските промени, истекувањето и неодржливото користење на водите во регионот, особено за водоснабдување и за наводнување сè поголеми површини на различни земјоделски култури, се само дел од причините за влошената состојба - вели Ајман.

Потребни се долгорочни мерки

Како што вели тој, како неопходна се наметнала потреба од спроведување долгорочни мерки за надминување на состојбата.
- Затоа, од страна на Општина Ресен беше побарано формирање на Експертската работна група за Преспанското Езеро. Работната група се формира од различни научни институции и претставници на МЖСПП и МЗШВ. ЕРГ изготви анализа за состојбата со Акциски план и тој беше доставен до Владата, но за подетално негово разгледување повторно беше вратен до МЖСПП за сите засегнати страни да доставуваат свои мислења во врска со Акцискиот план. Општина Ресен имаше свои забелешки на дел од планот. Така што, беше потребно да се предвидуваат конкретни долгорочни мерки и активности со точно дефинирана рамка за реализација, финансиска рамка со реален буџет и име на институција од која ќе се финансира конкретната активност и најбитно е да се врши одржлива приоритизација на предложените активности - објаснува Ајман.

Преспанско Езеро е во „хистерезис“. За 50 години уништивме нешто што живеело милиони години

За управување со Преспанското Езеро, Општината како управувач со заштитеното подрачје има формирано Совет на засегнати страни и научен Совет и, секако, нивното мислење е неопходно за еден таков еколошки проблем.


С. Коњско, Преспа

- Проблемот со Преспанското Езеро треба да се разгледува во рамките на одржливото управување со водите во езерото и сливното подрачје, со акцент на прекуграничното управување - каде што побрзо мора да функционира управувачката структура на Преспа Парк за проблемот да се разгледува интегрално и одржливо. Исто така, потребни се научноистражувачки анализи од кои ќе произлегуваат потребните мерки и активности, потребни се и финансиски средства и итно донесување на План за управување со споменикот на природата Преспанско Езеро - додава Ајман.

Испарувањата се клучен фактор за езерото


Драган Арсовски од Македонското еколошко друштво, кој долги години го следи и го проучува езерото, вели дека сезонските и повеќегодишните промени во водостојот на Преспанското Езеро се резултат на варијација во: дотокот на вода од реките и подземните води, количеството на врнежи, степенот на испарување од езерото (евапорација) и искористената вода за наводнување.

- Првите три фактори ги отсликуваат просечните климатски услови во водниот слив на езерото бидејќи сите речни текови и подземните води се полнат од врнежите во езерскиот басен, односно во неговиот стрмен воден слив. Од друга страна, езерската вода е искористувана директно за наводнување, и индиректно, црпејќи ги подземните резерви преку бунари во трите држави уште од педесеттите години. Неретко како фактор се споменува и карстниот истек на езерото низ планината Галичица во Охридското Езеро, но утврдено е дека досегашниот волумен е стабилен - вели Арсовски.

Од четирите споменати фактори, евапорацијата се издвојува како клучен бидејќи таа претставува природен пуферски систем кој ги ублажува промените.

- Степенот на евапорација директно зависи од површината на езерската вода, која пак варира со промените во водостојот. Така, при понизок воден столб, езерската површина е помала, а со тоа и површината од која може да се случи испарувањето. Следствено, изгубената вода до одреден степен се надоместува преку неминовното намалување на испарувањето при спуштено ниво на езерската вода - вели Арсовски.

Ниту една акција не поминува без реакција

Според него, поуката е јасна - природните климатски промени и оние предизвикани од човекот, како и директното искористување на водата за човечки потреби, придонесуваат за колебања во нивото на водата на Преспанското Езеро.

- Сите ние треба почесто и поодговорно да размислуваме за нашите секојдневни активности и да покажеме свесност дека ниту една акција не поминува без реакција. Односно, нашето неодговорно однесување (од неодговорно отстранување смет, па сè до уништување на мочуриштата и другите влажни живеалишта, кои сепак сè уште го одржуваат езерото во живот) порано или подоцна ќе биде наплатено, во овој случај со многу скратена и блага пролет и сушни, долги лета, полни со непопустлива горештина на која не е навикнато нашето Преспанско Езеро. Во текот на долгата геолошка историја живиот свет се адаптирал на промените во климата, а со тоа и на живеалиштата, но човекот е дел од тој жив свет во многу краток дел од таа геолошка историја (300.000 години наспроти речиси 4 милијарди години). Во кусиот период во кој сме присутни на планетата сме изградиле општества кои зависат од стабилните екосистеми во кои сме се нашле, но за градење на тие општества сме предизвикале промени во таквите системи, чии последици се глобални и веќе очигледни. Моменталното прашање за спас на Преспанското Езеро не се однесува само на спас на уникатните природни и културни вредности на Преспа, туку и на спас на начинот на живот кој ние сме го изградиле во овој систем. На крајот на краиштата, ова е единствениот начин на кој ние знаеме да преживееме - потенцира Арсовски.
Подготвил: Сања Јачевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема