X
 16.05.2018 Култура

На комеморацијата за Стивен Хокинг поканети и патниците низ времето



Илјадници луѓе се пријавија за влезници за свеченото полагање на урната на физичарот Стивен Хокинг во лондонската опатија Вестминстер следниот месец. „Воодушевени сме од интересот“, објавија од Фондацијата „Стивен Хокинг“.


Песочен споменик на Стивен Хокинг
(Фото: AFP)


Урната со пепелот на славниот физичар ќе биде положена покрај гробот на Исак Њутн на 15 јуни.

„Сосема е соодветно останките на професорот Хокинг да бидат положени во опатијата, покрај уважените колеги научници од национално значење“, истакна вестминстерскиот декан Џон Хол.

Во Вестминстерската опатија има место за 1000 посетители. Уште првиот ден кога беше објавен натпреварот за добивање влезници се пријавија 12.000 лица од 50 земји. Добитниците ќе бидат извлечени со ждрепка.

Хокинг, еден од најпочитуваните научници на своето време, почина во својот дом во Кембриџ на 77-годишна возраст. Официјалното испраќање се одржа на 31 март во локалната црква.

Исак Њутн, авторот на законите за движење и законот за гравитација, еден од најважните научници во историјата, во 1727 година бил погребан во Вестминстерската опатија.

Семејството на починатиот научник ги повика на комеморацијата и патниците низ времето, во знак на сеќавање на еден од феномените со кои се занимавал Хокинг во текот на својот живот.

Заинтересираните треба да пополнат образец со своите лични податоци, вклучително и датум на раѓање, кој може да оди сè до 2038 година.

Опцијата со датум на раѓање од иднината му го привлече вниманието на лондонскиот блогер „ianvisitsa“ и на својата страница напиша: „Професорот Хокинг веќе еднаш организира забава за патниците низ времето за да види дали ќе се појави некој. Никој не дошол, но феноменално е што интернет-страницата на комеморацијата им овозможува на луѓето од иднината да дојдат на последното испраќање. Побарајте ги патниците низ времето во Вестминстерската опатија“.

Сара Брајдл, професорка по астрофизика на Универзитетот во Манчестер, изјави: „Беше љубопитен и имаше извонредна смисла за хумор. Тој рече дека на таа забава ги комбинирал своите две омилени работи: експериментите и шампањот“.
Подготвил: Б.Б.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура