X
 16.11.2020 Култура

„Врба“ на Милчо Манчевски - македонски кандидат за номинација за „Оскар“

Филмот „Врба“ во режија на Милчо Манчевски е македонски национален кандидат за номинација за престижната награда „Оскар“, која ја доделува американската Академија за подвижни слики, уметност и наука, соопшти Друштвото на филмските работници на Македонија. Во конкуренција за кандидатурата биле и филмовите: „Ефектот на среќата“ во режија на Борјан Зафировски, „Исчезнатиот“ во режија на Арбен Тачи, „Кеиф“ во режија на Блаже Дулев и „Незо“ во режија на Мерита Чочоли.

Во комисијата за избор на македонски кандидат за наградата „Оскар“ за најдобар долгометражен интернационален филм членуваа: Игор Иванов, режисер (претседател на комисијата), Дејан Лилиќ, актер, Тамара Котевска, режисер, Самир Љума, кинематографер, Мартин Иванов, монтажер, Иван Ѓоршев, мајстор на светло и Сања Арсовска, актерка.

Поради пандемијата на Ковид-19, американската Академија објави дека 93-тата церемонија за доделување на „Оскарите“ ќе се одржи на 25 април 2021 година, во Лос Анџелес. Лани Македонија постигна огромен успех со „Медена земја“ на режисерите Тамара Котевска и Љубомир Стефанов, кој беше номиниран во две категории за наградите „Оскар“. Првпат во историјата на македонската кинематографија еден филм влезе на листата во две категории – за најдобар странски филм и за најдобар документарец.

Ако „Врба“ добие номинација, тоа ќе биде втор филм на Манчевски што ќе се натпреварува за „Оскар“, по „Пред дождот“, кој беше номиниран за најдобар филм од странско говорно подрачје во 1995 година. Златната статуетка таа година замина во рацете на рускиот режисер Никита Михалков за „Изгорени од сонцето“.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура