X
 17.01.2021 Наша тема

Зошто е важен „Оскарот“: Номинацијата ги афирмира земјата и кинематографијата, а авторот добива отворени врати

„Оскарот“ често е критикуван поради некои одлуки во минатото. Понекогаш и многу оправдано. Некои од филмовите што ја добиле наградата брзо се заборавени, а други, кои денес се сметаат за култни, никогаш не биле номинирани. На пример, иако номиниран, славниот режисер Алфред Хичкок никогаш не го добил „Оскарот“ за режија. Тогаш зошто е толку е важна оваа награда кога сите сме свесни дека ни таму не победуваат најдобрите?


Македонија и оваа година ѝ се приклучи на листата со земји што веќе избраа и предложија свои кандидати за наградата „Оскар“ за најдобар филм од неанглиско говорно подрачје, овој пат одиме во трката со најновиот филм „Врба“ на Милчо Манчевски. На Американската филмска академија досега македонските филмови не ѝ запнуваа за око, освен трипати, кога најмногу се доближивме до наградата, со „Пред дождот“ на Милчо Манчевски и со „Дае“ на Столе Попов, кои влегоа меѓу петте номинирани, како и минатата година со „Медена земја“, кога добивме две номинации, за странски и за документарен филм.



„Оскарот“ често е критикуван поради некои одлуки во минатото. Понекогаш и многу оправдано. Некои од филмовите што ја добиле наградата брзо се заборавени, а други, кои денес се сметаат за култни, никогаш не биле номинирани. На пример, иако номиниран, славниот режисер Алфред Хичкок никогаш не го добил „Оскарот“ за режија. „Оскарот“ неретко е резултат на влијание, моќ, спогодба, кампања и лобирање, па и политичка некоректност (во 50-тите години е воведено правило дека комунистите не можат да ја добијат наградата), повеќе отколку потврда на квалитет.
Тогаш зошто е толку ни е важна оваа награда (статуетките се синоним за гламур, пари, слава и престиж) кога сите сме свесни дека ни таму не победуваат најдобрите?

- Ако на тој начин гледаме на нештата, тогаш зошто е важна, да речеме, Нобеловата награда или која било награда во која било област? Можеме да одиме и подалеку, зошто е важно да се снимаат филмови? Или да се пишуваат книги? Точно е, многу пати досега вистинските вредни дела останале незабележани и ненаградени, но приказната и светот врват понатаму. Останува фактот дека е многу важно е за една кинематографија да биде видлива, особено доколку се работи за капка во океанот од можности. Играта околу „Оскарот“ како врвот на една филмска сезона, секако, ја диктира филмската индустрија, но ете, истата оставила можност со категоријата најдобар филм од неанглиско говорно подрачје да се потенцира квалитетот и на другите светски кинематографии. Автоматски, со номинација за престижната статуетка, а особено со нејзиното добивање, ја афирмирате земјата, сопствената кинематографија и, на крајот од краиштата, самиот автор добива многу отворени врати за понатаму - вели Игор Анѓелков, книжевен автор, филмски проследувач и критичар.

Тој потсетува на успехот на „Медена земја“ на почетокот од годинава, кога добивме две номинации за „Оскар“, за најдобар филм од неанглиско говорно подрачје и за документарен филм.
- Сите пишуваа и зборуваа за тој успех... - вели Анѓелков.

Според филмскиот критичар Стојан Синадинов, „Оскарите“ се форматирани како признанија на Американската филмска академија, која во суштина е нешто како нашето Друштво на филмските работници на Македонија, но Академијата, секако, е највлијателна струковна филмска организација во светот. Затоа и нејзиниот модел е копиран во многу национални здруженија на филмаџии, па и преку моделот на Европската филмска академија и нејзините награди „Феликс“ воспоставен пред триесетина години.



- Зошто „Оскарите“ се толку важни, иако ни таму не победуваат најдобрите? Веројатно затоа што тоа е награда на највлијателните во филмската индустрија и бонусот од промоцијата на „Оскарите“ (номинации и освоени) е голем за идните кариери на филмаџиите. Американските филмови не се тепаат за награди по светот, освен на трите водечки А-фестивали во Европа (Кан, Венеција, Берлин), а повеќето филмаџии надвор од САД сакаат да бидат на доделувањето на „Оскарот“. Изминатите децении, особено во втората половина на минатиот век, „Оскарот“ за странски филм често беше третиран и како политички чин par excellence, како поглед зад Железната завеса за време на Студената војна (средноевропските кинематографии), што се случува во иранската кинематографија, какви се азиските автори...? - вели Синадинов.

Според него, „Оскарите“, како и филмската индустрија, се менуваат со текот на времето. Ако некогаш било важно дали „Оскар“ ќе добие некој критички настроен филм или некој неправедно запоставен актер (Ал Пачино доби „Оскар“ за „Мирисот на жената“ по шест неуспешни номинации со други филмови), последниве години на „Оскарите“ се води битка за факторизирање на новите технолошки трендови.

- Поточно, откако интернет-платформите за продажба и гледање филмови како „Нетфликс“ станаа и сериозен продукциски модел (преку врвно креираните филмски ТВ-серии) и започнаа да привлекуваат сè поголем број од значајните автори на денешнината, тие почнаа да го „напаѓаат“ „Оскарот“, каде што сè уште царуваат големите студија. Претходните две години филмовите на „Нетфликс“ имаа по над 20 номинации, но добиваа по еден-два „Оскари“. Ќе видиме како ќе биде на следното, 93. доделување. Накратко, „Оскарите“ сè уште се битни не само за остатокот на светот, туку и за преструктурирањето на продукциските модели во САД - заклучува Синадинов.

Медиумскиот спектакл поважен од филмовите

Што ни кажува „Оскарот“ за квалитетот на филмовите и особено за кинематографијата? Не многу, смета филмскиот проследувач Јохен Киртен во својот коментар за „Дојче веле“.

- „Оскарите“ се комерцијален настан во медиумите. Пред сè, имаат силно влијание врз американскиот кинопазар. Покрај тоа, преносот на церемонијата на доделувањето на наградите стана толку важен медиумски спектакл, што сè друго, вклучувајќи ги и наградуваните филмови, паѓа во втор план. Холивудската продукција е во центарот на вниманието, па „Оскарите“ не кажуваат многу за состојбата во светската кинематографија. Врз основа на тоа, не можеме да ги следиме трендовите на светскиот филм, работата на иновативни креатори од други континенти и од други земји. И, тоа често се заборава - вели Киртен.

Според него, фактот што наградата ја добиваат и некои добри и уметнички интересни филмови од англиското говорно подрачје не ја побива оваа теза. Но, дали овие награди ни кажуваат нешто за вредноста и уметничкиот развој на филмот?
- Не - освен за развојот на американскиот филм, кој сепак не е неважен. Тука е спектаклот со ѕвездите на црвениот килим и тоа всушност за повеќето гледачи е главната причина поради која ги вклучуваат телевизорите. На добитниците, се разбира, „Оскарот“ комерцијално им се исплатува, но тој не е Нобелова награда за филм - додава Киртен.



Нови правила - нема награда за филм без ЛГБТ и црнци

Уште една новина оди во прилог на тезата дека кај Американската академија не поминуваат најдобрите, туку дека некои други фактори се одлучувачки. Неодамна таа ги објави новите правила за избор на добитникот на „Оскар“ во главната категорија за најдобар филм, кои ќе стапат во сила од 2024 година. Новите стандарди се многу прецизни и пропишуваат дека за најдобар филм може да биде номиниран само оној што во својата екипа, меѓу глумците или во техничкиот и авторски дел, ќе има припадници на малцинските или загрозените општествени групи, како ЛГБТ-популацијата, црнци, жени, малцинства. Очекувано, одлуката на Академијата покрена лавина реакции на социјалните мрежи и од оние што ги бранат овие правила и од оние што ги нарекуваат „терор на политичката коректност“. Без оглед што стандардите се однесуваат само на категоријата за најдобро филмско остварување во целина, јасно е дека во иднина филмот ќе се прави со амбиција да се најде меѓу номинираните за „Оскар“.

Од 2024 година филмовите, според новите правила, ќе мора да исполнат два од четирите стандарди. Првиот се однесува на присуството на малцинствата и загрозените општествени групи меѓу актерските екипи, а продуцентите ќе мора да исполнат еден од трите услови: главната или споредната улога да ја игра припадник на малцинствата и загрозените општествени групи, најмалку 30 отсто од актерската екипа во останатите улоги мора да бидат жени или припадници на ЛГБТ-популацијата, расно или етничко малцинство и трето, основната или некоја од главните наративни линии на филмот мора да биде насочена кон споменатите малцински групи.

Според некои светски теоретичари на филмот, ова ќе значи скандалозно самоубиство на уметничкиот филм, насилство над професијата и терор на политиката над слободата на творештво. Некои сметаат дека тоа повеќе нема да биде избор на најдобар филм, туку избор на најдобар политички коректен филм.
Новите правила стигнуваат по низата обвинувања дека Американската филмска академија ги форсира белците и кампањата со наслов „Оскарот е премногу бел“.

- Сакаме филмовите да ја рефлектираат различноста на нашата публика - порачаа од Академијата, додека на социјалните мрежи за зборува за „пропаст на филмот“.
Подготвил: Весна Дамчевска
Тагови:

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема