X
 09.02.2017 Образование

Се избира Нај ООР наставник и професор во Македонија

Трета година по ред Фондацијата „Метаморфозис“ и Алијансата за отворени образовни ресурси организира избор на Нај ООР наставник и професор во Македонија. Процесот за номинирање наставници заврши на 20 јануари, а номинациите можат да се видат на веб-страницата http://oer.mk.



Секој наставник кој во секојдневната работа користи Отворени Образовни Ресурси (ООР) кои се достапни за сите, може да биде дел од овој натпревар. Додека трае процесот на номинирање, кој било може да предложи наставник или професор, а освен основните податоци, при номинирање на кандидатот потребно е да се внесете и линк до ресурсите на предложениот кандидат.

Гласањето за избор на Нај ООР наставник за 2016 година се одвива онлајн и ќе трае до 10 февруари. Наставникот или професорот што ќе добие најмногу гласови ќе биде прогласен за Нај ООР наставник или Нај ООР професор. Во трка се четворица наставници, од кои еден ќе добие награда од гласачите, а друг од стручната жири комисија. Победниците на овој натпревар ќе добијат учество на третата едуконференција за наставници и информатичари организирана од Пријатели на образованието, која ќе се одржи во април 2017.

- Со ова се надеваме дека ги мотивираме наставниците и професорите за поактивна употреба на ООР во образовниот процес. Воедно, промовирањето на веќе постоечките ООР дополнително им олеснува на заинтересираните ученици и студенти во пронаоѓањето на квалитетни ресурси во текот на своето образование - велат организаторите.

Минатата година граѓаните можеа да гласаат за деветмина наставници, а победници беа Роза Китрозоска од ООУ „Единство“ од Октици, Струга, која ја изгласа публиката, како и Тања Метикош од ООУ „Дане Крапчев“ од Скопје, која ја избра стручната комисија.
Подготвил: М.Ф.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование