Фото: Sam de Mol
Главното случување на овогодишното 51 издание на Битеф во Белград, ќе биде гостувањето на светскиот спектакл „Планината Олимп“, на познатиот фламански режисер и кореограф Јан Фабр, кој се смета за еден од најзначајните автори на светската современа уметничка сцена.
Пред да пристигне во Белград, оваа претстава беше на гостување на големи меѓународни фестивали во Виена, Берлин, Авињон, Амстердам, Ерусалим...
Претставата „Планината Олимп“ трае 24 часа без прекин, а во неа учествуваат триесет врвни танчери, актери и изведувачи од различни земји. Од гледачите не бара никаков напор, само ослободување од секојдневните стеги и препуштање во заедничкото енергетско, емоционално, духовно и естетско искуство. Со оглед на тоа што организаторите имаат во предвид дека претставата е психофизички исцрпна, на гледачите им овозможуваат да спијат и да се одморат во текот на ноќта во фоајеата на „Сава“ центарот каде претставата ќе биде изведена.
Претставата во себе ги обединува мотивите од целата грчка митологија, обликувана во еповите на Хомер и сите грчки трагедии. Таа е од дионизиски карактер, со екстази, страст, еротско полнење, највозвишена поезија, физичка и духовна убавина, слобода и пред сè еруптивна енергија и радост на животот каква што во театарот не е видена.
Јан Фабр е мултимедијален уметник, писател, режисер, кореограф со потекло од Белгија и претходно учествувал на Битеф во 2011 година.
Автор: Борка Голубовиќ-Требјешанин