X
 19.06.2018 Култура

Имаме стадион за „Брегалница“, а публика за „Реал Мадрид“ – „Сонот на Вилијам“ премиерно во Театар за деца и младинци

Дванаесеттемина актери играат по повеќе улоги во претставата, а режијата и кореографијата се на нивната професорка од ФДУ, Невзати Кренаре-Кери


фото: Ања Несторова

Театарот за деца и младинци од Скопје е расадник и место кај што се едуцира најмладата генерација, но потребни се услови, место и кадар со цел театарот да застане на нозе и да го добие тоа што го заслужува, истакна денес кореографката и режисерка Кренаре Невзати-Кери на прес-конференцијата по повод премиерата на „Сонот на Вилијам“, која ќе се случи утревечер во 19 часот. По точно 40 години некоја професионална театарска сцена во Македонија поставува претстава според делата на британскиот великан. Тоа последно го направи режисерот Коле Ангеловски во Драмскиот театар.

Сцена од „Сонот на Вилијам“

- Јас го читам Шекспир на различен начин, преку него се пронаоѓаме, ја откриваме целта на животот. Сакавме да им го доближиме Шекспир на децата. Пред неколку години кога работев претстава инспирирана од Шекспир за возрасни, ќерка ми, која тогаш имаше 13 години, доаѓаше со мене на пробите и правеше цртежи од ликовите. Секоја сцена е минијатура во форма. Децата ќе слушнат класична музика од времето на Шекспир. Редно е да се сфати дека културата и образованието се најважните работи што треба да им ги овозможиме на децата – вели Невзати.

Ова е нашиот трет проект со кој сме многу горди, истакна директорката на Театарот за деца и младинца, Катарина Илиевска-Силјановска.
- Станува збор за драмско кореографско дело базирано според делата на незаменливиот Вилијам Шекспир – „Сон на летната ноќ“, „Ромео и Јулија“, „Магбет и Хамлет“. Ова е приказна претставена преку главниот лик Вилијам, каде што сите настани се случуваат во неговата глава. На 27 јуни претставата ќе учествува на Фестивалот посветен на Шекспир во Битола – рече Илиевска-Силјановска, која исто така игра во претставата.

Бојан Кирковски, актерот кој ја толкува улогата на Вилијам, вели дека претставата потекнува од нивната идеја за создавање нешто различно, нешто што ќе им овозможи на децата да се запознаат со делата на Шекспир. Тој додаде дека се радува што Шекспир, сепак, може да се приспособи за деца, иако пред овој проект не верувал во тоа. Сепак, и покрај ентузијазмот и волјата за создавање, условите во театарот не секогаш го дозволуваат тоа.

фото: Ања Несторова

- За жал, ние имаме услови за „Брегалница“, а претстава за „Реал Мадрид“. Имаме стадион за „Брегалница“, а публика за „Реал Мадрид“ – потенцира Кирковски.

За Бојан Лазаров, асистент на костимографија, претставата била вистински предизвик со оглед на тоа што тој толкува четири улоги.
- Секаде каде што уметноста е оставена на креативноста на тимот, тоа е вистинска уметност за мене. Им благодарам на сите што направија да бидам добредојден во овој театар, со оглед на тоа дека првпат работам претстава овде – вели Лазаров.

Улогата на една од трите вештерки ја толкува Изабела Новотни, која вели дека токму преку оваа претстава по подолго време почувствувала убава енергија помеѓу актерите во Театарот и додава дека е од голема важност да дојдат и големите да ја гледаат претставата, бидејќи и тие има што да научат од неа, а потоа малите.
- Дојдете, гледајте и ги чекаме вашите критики - вели Новотни.
Подготвил: Бисера Трајковска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура