X
 30.06.2017 Култура

Том Форд – Од прочуен дизајнер до филмски режисер


Дизајн со мотив од филмот „Ноќни животни“

Том Форд, светски познатиот дизајнер, го направи своето режисерско деби токму со филмот „Ноќни животни“ (Nocturnal animals) во 2016 година. Така дизајнерот го промовираше и режисерот во себе.

Овој филм е приказна за осветата, интимната потреба за докажување, за бранењето на сопствената чест и достоинство, а сето тоа е испреплетено во две приказни.

Во првата, Форд на масата ја става Сузан (Ејми Адамс), сопственичка на галерија, реализирана и амбициозна жена, која на прв поглед, се чини дека има сè. Меѓутоа, под површината се насетува многу нестабилна и несреќна личност.

Имено, Сузан го остава своето долгогодишно момче Едвард (Џејк Гиленхал), писател кој според нејзино мислење, не е ниту доволно добар, ниту достоен за неа.

Тука лежи и трагиката на овој филм – некогаш самата љубов не е доволна, а амбициите водат во самотија и изолација, оттуѓеност од светот околу нас и од самите себе.

Сузан го изневерува Едвард со многу поуспешен и поамбициозен човек. Прилично разочарана од неспособноста на Едвард да напише нешто што ќе го привлече вниманието на читателите, ја прекинува врската и тргнува сама во потрага по посреќен живот. По неколку години, Едвард ѝ го праќа ракописот „Ноќни животни“ , својот нов роман која сега веќе разочараната Сузан ја доведува до лудило. Романот  е посветен токму на неа.

Вториот дел од приказната е читањето на романот од страна на Сузан и нејзината внатрешна имагинација на дејствието опишано во делото. Таа на главниот јунак во романот, нерешителен човек, мекуш, искарикирана верзија на нејзиното поранешно момче, му го доделува ликот на Едвард.

Тони, ликот од книгата, во краток временски период, што заради кукавичлок, што заради неспособност, ги губи своите најблиски – сопругата и ќерката, кои ќе бидат киднапирани и убиени од една група локални лоши момчиња. Сузан,  шокирана од насилната приказна за Тони и неговиот обид за освета, почнува да страда од несоница, опсесивно читајќи го романот.

Том Форд ја покажува суровоста на Сузан која кога забременува со Едвард, се одлучува да го абортира детето. Таа не може да сфати дека Едвард пишува за неа и нивната несудена ќерка што ја изгуби. Тој ѝ докажува на Сузан дека е добар писател, што се гледа од опсесивноста со која таа го чита романот.

Форд во филмот зборува за освета. Книгата на Едвард не е ништо друго освен психолошки трик за Сузан, во чија галерија виси слика со наслов Revenge. Едвард прифаќа да се сретне со Сузан.

Крајот на филмот не е клише на кое досега сме навикнале. „Ноќни животни“ е воз кој на крајот не застанува на станицата, туку вчудовидените патници ги води натаму. Вредноста на овој филм е во тоа што нè учи дека уметноста не е и не смее да биде очигледна, стереотипна фраза и шаблон.

Филмот е длабока психо-кајгана што нè остава со горчливиот вкус на осветата и крај каков што не посакувавме, а каков што требаше да биде. Том Форд се постави на сцената со „два“ вонредни филмови и покажа дека е многу повеќе од обичен дизајнер.

Сузан можеби е најдобриот злосторник во 2016 година. Гиленхал, кој се појавува во поприлично слични улоги во добар дел од својата актерска кариера, тука е беспрекорен. Мајкл  Шенон, во улогата на добриот детектив сосема одговара на очекуваната еднодимензионална texas-ranger глума, која на некаков необјаснив начин става вишна на шлагот. 
Подготвил: Б.Б.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура