X
 17.10.2017 Култура

Дино Имери и Чајковски и „Нов почеток“ на Филхармонијата

„Нов почеток“ е насловот на концертот со кој на 25 октомври ќе биде отворена сезоната 2017/18 во Македонската филхармонија. Солист ќе биде пијанистот Дино Имери, а ќе диригира Борјан Цанев, кој изјави дека на концертот ќе зборува со музика, кога ќе застане зад пултот.


- Голема чест ми е да ја отвориме сезоната. Се направи нешто што го чекавме со години. Се подготвуваме интензивно. Имаме одличен тим и се надевам дека публиката ќе биде сведок на убаво доживување. Ќе имаме извонреден солист, пијанистот Имери кој ќе го свири еден од најпопуларните концерти за клавир и оркестар од Чајковски, а вториот дел од програмата ќе биде посветен на капитални дела. Повторно го имаме Рихард Штраус, што на некој начин стана традиција со негово дело да почне нова концертна сезона – изјави Цанев.
Концерт-мајсторот на Македонската филхармонија, виолинистката Анна Кондратенко, рече:
„Кај мене во родната земја Русија, Концертот за клавир и оркестар бр. 1 од Чајковски се свири на свадби, бидејќи е мошне популарен. Па, тоа е една метафора дека ние музичарите ќе се венчаме со новиот објект кој прекрасно звучи. Задоволство ни е да свириме, но и да вежбаме. Со љубов ја чекаме новата сезона.“
Новиот директор на Филхармонијата, Виктор Илиевски истакна дека по 74 години оваа институција конечно го добила заслуженото место. - Сега ги имаме сите предуслови да го креираме она што сме го замислиле. Имаме нова продукција, ново студио опремено со сите потенцијали како што и долкува на една сериозна институција. Знаеме дека салата на 21 мај беше свечено отворена, а објектот не беше завршен. Јас како директор сакав да ја преземам одговорноста да почнеме кога сите детали ќе бидат донесени на највисоко ниво. Горд сум што го добивме приклучокот со БЕГ за да можеме нормално да ја почнеме сезоната, потоа сите технички процедури се во завршна фаза, а имаме и нов начин на презентација да ги привлечеме сите жители од Македонија да бидат дел од нашиот културен живот. Секој да се почувствува како граѓанин од некој од европските центри. Имаме и ново лого во знакот на новата концертна сала. Почнавме и процес на партнерство со големи компании со чија помош полесно ќе се донесат звучни имиња, солисти и диригенти, а, се разбира, безрезервна поддршка добиваме и од Министерството за култура. Сите оние уметници кои биле заборавени или оние кои делуваат во странство, сакаме повторно да концертираат во Македонија – истакна Илиевски.


Тој додаде дека ќе се разубавува и зеленилото околу објектот. Македонската филхармонија оствари соработка со компаниите „Пакомак“ и „Нула Отпад“, со цел да се подигне свеста и за еден таков еко-проект. Директорот потенцираше дека обезбеден е пристап до концертната сала и за лицата со хендикеп.
Илиевски најави десетина врвни солисти и диригенти до крајот на годината.
- Сигурен сум дека Македонската филхармонија ќе продолжи да ги калеми успесите на претходните генерации филхармоничари, но и дека ќе создаде нови безвременски првокласни изведби низ соработките со домашни и сo светски врвни солисти и диригенти. Ќе се обидеме заеднички да ги задржиме постоечките, да ги вратиме заборавените, но и да создадеме нови вредности – истакна Илиевски.
Подготвил: Сребра Ѓорѓијевска / srebra.gjorgjijevska@fakulteti.mk

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура