Клавијатурите на татко ми беа дома, а јас не можев да се одвојам од нив. Тоа ми беше една важна детска игра, која подоцна прерасна во мој личен и интимен простор, вели нашиот истакнат пијанист Дино Имери за љубовта што ја имал кон неговиот инструмент
Пораснат во музичко семејство Дино од мал е со рацете на црно-белите клавиши, а таа негова љубов кон инструментот, но и упорноста и работната етика заслужено го издигнаа како еден од најдобрите наши и светски пијанисти.
- Беше многу возбудливо да се расте во раните 90-ти години. Се чинеше дека музика извира од секое ќоше, луѓето беа жедни за нови нешта, за уметност. Технологијата беше во експанзија - доволно напредна за да биде корисна, а доволно неразвиена да не му штети на духот. Јас, како едно многу љубопитно дете, не бев исклучок. Растејќи во една таква атмосфера, брзо го апсорбирав сето тоа – додава Дино.
Дино Имери своето образование го стекнал работејќи со професорите Људмила Романова во средно училиште, професорот Борис Романов, во чија класа и дипломирал на ФМУ во Скопје со cum laude - почести, како и со проф. Симон Трпчески, во чија класа магистрира на само 22-годишна возраст со просек 10. Тој зад себе има многу концерти насекаде во светот, како солист и со низа славни симфониски оркестри.
Во рубриката „Кога бев студент“, која ја креираме во соработка со „Пивара Скопје“, го навративме на факултетските предавања, дружења, предизвици.
Професорката Романова ме прими со зборовите: „Мораш многу да работиш“
Паралелно со основното училиште, Имери ја изучувал и музиката како редовен ученик во нижиот оддел на МБУЦ „Илија Николовски-Луј“. Иако секогаш бил одличен ученик, тоа за Дино било во втор план и вели: „Учев за да научам, а не за да докажам.“ Пресвртница во неговиот живот е влегувањето во средношколската класа на професорката Људмила Романова, под чија палка излегле низа врвни пијанисти.
- Најголем интерес во тоа време ми претставуваа предметите од областа на хуманистичките науки. Учев во основното училиште „Блаже Конески“ во Скопје. Паралелно, бев редовен ученик во нижиот оддел на МБУЦ „Илија Николовски-Луј“, каде што ја изучував музиката. Иако бев одговорен и исполнителен ученик, со одличен просек, бев доста неамбициозен во насока на покажување на моите успеси. Најголем подарок од тоа време за мене беа музиката, спортот и другарувањето со мојот најдобар пријател од одделението – Дарко Илиевски, со кого сè уште ги делиме моментите од нашите животи.
- Образованието го продолжив во средното музичко училиште „Илија Николовски-Луј“ во една од најпрестижните класи, онаа на проф. Људмила Романова, руски педагог, која на пат извади некои од најзначајните пијанисти во нашата земја. Беше многу тешко да се влезе во оваа класа! Најпрво полагав аудиција, лично кај проф. Романова, која одлучи да ме прими со зборовите: „Но треба да знаеш... мора МНОГУ да работиш. Дали разбираш?“ По мојот потврден одговор следуваше и приемен испит во училиштето, кој го положив. Во средното училиште влегов со многу соништа и отворена тетратка во која бев подготвен да впишам што повеќе можам.
На одмори помеѓу часови вежбал на пијаното
Средното музичко училиште го поминал „залепен“ за пијаното, па дури и во оние моменти кога имало премногу други часови на распоредот. Дино знаел да ги искористи одморите помеѓу часовите за да повежба на својот инструмент. Тоа само била потврда за неговата решителност и квалитет, кои му овозможиле предвреме, односно за 3 години да го заврши средното музичко училиште како напреден ученик.
Како средношколец, ја посветував секоја можна минута вежбајќи на пијано. Оние денови кога имавме многу часови на училиште, често пати воопшто не ги ни користев одморите, а моите пријатели знаеја каде да ме најдат – во просториите за вежбање. Моето ветување не беше само кон проф. Романова, туку беше ветување кон себеси. Таа го извлече најдоброто од мене, ми отвори еден сосема нов свет и беше неверојатно посветена на нашата заедничка работа. Кај мене всади една неверојатна работна етика и дисциплина, едно чувство на постојана потрага кон подобро, повистинито, поквалитетно, посуштинско. Едноставно кажано, таа ме научи секој ден да го почнувам од нула – секогаш да бидам студент во училиштето на животот. Тоа беше и остана мојата најголема амбиција. Се пресликуваше во сè што понатаму работев, а можам со сигурност да кажам дека и во педагошката работа се чувствувам како студент кој постојано учи од своите студенти, додека ги пренесува сопствените знаења и искуства.
На факултет - заразен со предметот филозофија
Професорката Романова го оставила Дино Имери во добри раце за време на студирањето на Факултетот за музичка уметност во Скопје, односно во класата на нејзиниот сопруг, проф. Борис Романов. Интересно е што од сите предмети на факултет, Дино најмногу се заразил со филозофијата, останувајќи незаситен од предавањата по овој предмет кај професорот Денко Скаловски.
- Откако матурирав во класата на проф. Романова, се запишав на Факултетот за музичка уметност во Скопје, во класата на нејзиниот сопруг – проф. Борис Романов, кој е уште еден голем педагог одговорен за успехот на многу значајни имиња. По дипломирањето со почести cum laude, ги продолжив моите магистерски студии на програмата за Музичка интерпретација и композиција на ФМУ, кои ги завршив под менторство на нашиот реномиран пијанист - проф. Симон Трпчески.
- Во прва година омилен предмет ми беше филозофија, а ми предаваше проф. Денко Скаловски. Неговите предавања ги слушав со огромна концентрација, никогаш не ми беа доволни и често пати по предавањата ги продолжувавме дискусиите. Ме фасцинираа неговите познавања, но и неговата непосредност, топлина, почит кон младите. Кон крајот на моите студии имав неверојатна привилегија да ја корепетирам диригентската класа на проф. Саша Николовски-Ѓумар. Тој сјаеше со слична непосредност и огромна љубов кон младите. Имаше неверојатна страст кон музиката, а неговите предавања на предметот Диригирање ги паметам како да ми се пред очи и денес. Од оние професори што одиграле значајна улога во мојот живот научив дека, пред сè, треба да бидеш човек.
За некои предмети добивал помош од Дијана, сегашна сопруга
Секојдневната релаксирана работа, а не кампањското макотрпно работење пред испити, се рецептот по кој се водел Дино во подготвувањето на неговиот испитен материјал. Гордо истакнува дека неговата сопруга, а тогаш колешка на факултет, Дијана Имери-Илкоска, како екстремно успешен студент со завршени три насоки, знаела да му помогне околу одредени предмети со кои имал тешкотии.
- Бевме полни со надеж и радост. Често пати навистина ми паѓа тешко кога ќе видам млади луѓе кои сè уште не виделе ништо, а веќе ги изгубиле надежта и радоста. Она што со текот на времето го открив е дека со секојдневна порелаксирана работа постигнував повеќе отколку со кампањска предиспитна и макотрпна работа. Испитите ги спремав во текот на целиот семестар, многу постапно и без стрес. Се разбира, имав многу проблеми со многу предмети! На моја среќа, имав огромна поддршка од мојата сопруга Дијана Имери-Илкоска, која ја завршуваше насоката Оркестарско диригирање. Уште тогаш имаше многу широки познавања, па често пати знаеше да ми помогне да се справам со тие проблеми.
- Редовна дружба ни беше посетата на концертите на Филхармонија во тогашниот Дом на АРМ, а по концертите, седенки во некој од нашите омилени локали или, пак, по паркови и улици. Имавме многу скромни потреби, често нашите дружби не вклучуваа никакви финансиски трошоци. Да се биде во друштво, некако како да беше поважно. Веројатно сакам да пренесам дека ниедно време не било подобро или полошо од сега. Секое време со себе си носи своја тешкотија. Сакам, пред сè, на сите да им посакам добро здравје. Сè на овој свет е минливо, па така и оваа тешка пандемија, која нема да трае вечно! Бидете трпеливи, во меѓувреме, не дозволувајте да ве обземе апатија. Ова е вашето време, искористете го.