X
 21.10.2017 Живот

Каква зима нѐ очекува?

1

Американската приватна метеоролошка компанија „AкуВедр“ ја објави сезонската прогноза за Европа. Прогнозата се однесува за декември, јануари и февруари.

Северна Европа и делови од Западна Европа на почеток ги очекуваат големи проблеми во форма на остри и чести бури, а тие во овие област ќе донесат големи количини на врнежи од дожд, предвидува „АкуВедр“. Иако почетокот на зимата во поголемиот дел од Европа нема да донесе вообичаени ниски температури, прогнозите укажуваат на тоа дека на крајот од зимата ќе биде доста постудено, со температури под просекот за овој период од годината.

Областа од југот на Шпанија, преку Италија, па сè до Балканскиот Полуостров, ја очекува зима со пониски врнежи од просечните.

„Помалку врнежи од вообичаеното за зимските месеци ќе ја зголеми можноста за суша, но и ризикот од пожари во областа на јужниот дел на Шпанија до Балканскиот Полуостров. Додека зимите во северниот дел на Европа ќе имаат поголеми количини на врнежи, на Балканот не може да се очекуваат чести и долги врнежливи периоди, што ќе доведе до продолжување на периодите на суша. Тоа не значи дека на ова подрачје нема да има дожд во текот на зимските месеци, но количината ќе биде помала од просекот“, велат метеоролозите.

Според прогнозите, оваа зима на Балканот не се очекуваат многу снежни бури. Напротив, тие ќе бидат ретки и нема да траат долго. Најголеми шанси за појава на снежна бура ќе има во втората половина од зимата, односно кон крајот на јануари и почетокот на февруари.

Бури во Велика Британија, Франција и во Германија

Во Велика Британија, Франција и во Германија зимата ќе почне остро - со многубројни бури, особено во текот на декември и почетокот на јануари. Бурните ветрови и големите количини на врнежи ќе создадат проблеми во сообраќајот, а поради честите бури, во овие области може да се појават големи поплави.

„Подгответе се за невреме“, е предупредувањето за жителите на овие области.

Доцна зима во Централна Европа

Жителите на Централна Европа ќе мора да ја чекаат вистинската зима до наредната година, односно до крајот на јануари. Во наредните месеци не се очекува да има голема количина на снег, ниту температури под просекот, но затоа кон крајот на зимата, односно февруари, таа ќе биде остра и со поголеми количини на снег.

Вистинска зима само на Балтикот

Балтичките земји, за разлика од останатиот дел од Европа, ги чека вистинска снежна зима со долг период на ниски температури.

Првиот снег се очекува во декември, а во текот на зимата снежната бура нема да биде невообичаена. Сепак, дури и на Балтикот зимата ќе биде поблага отколку претходните години.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот