Верувале или не, децата се раѓаат со љубовта кон математиката. Едно дете, кое го познава само чувството на љубов, која секојдневно му ја даруваат најблиските, не може никако поинаку да се однесува кон математиката освен да ја сака. Но, зошто потоа, во текот на животот многу често се случува децата да создадат чувство на анксиозност (возбуда и страв) кон математиката, одбивност, па дури и омраза? Зошто ослободувањето од анксиозноста кон математиката е важно? Кои се превентивните мерки детето да не создаде анксиозност кон математиката? Или, ако ја има, како да му помогнете да се ослободи од неа? Како да ја засака математиката, на начин како што само ТАА заслужува?
Поновите истражувања откриваат дека појавата на анксиозност кон математиката, за жал, може да се случи и на многу рана возраст, прво или второ одделение. Изложеноста на јавен неуспех при обидот да се реши некоја задача е најголемиот страв со кој се соочуваат инаку успешните и талентирани деца. Стравот доведува до зголемување на анксиозноста, која подоцна може да предизвика домино-ефект, па раниот интерес да го претвори во незаинтересираност кон математиката во подоцнежните одделенија, а незаинтересираноста пак доведува до само површно, несуштинско усвојување на математичките знаења, и неможност да се применат. И доколку на тоа ја додадете фразата која од колено на колено им ја пренесуваат родителите на децата дека „математиката е тешка“, добивате навистина скоро безизлезна ситуација, учење за оценка, со постојано присутен страв од неуспех.
Од друга страна, отсуството на анксиозност кон математиката ја зголемува самодовербата, ја зајакнува личноста, придонесува за формирање здрави и успешни идивидуи во професијата која ќе ја изберат и воопшто во животот. Учениците кои не се паничат при решавањето тестови по математика многу посмирено ги совладуваат и останатите училишни предмети, а на ист начин пристапуваат и кон проблемските ситуации подоцна во текот на животот.
Затоа, со активности приспособени на способностите и интересите на детето, со мото дека „во математиката и од грешките се учи“ и без пренесување на стравот од математика кој во себе го носат возрасните, би биле на добар пат да создадеме генерации кои нема да се плашат од математиката, кои ќе сфатат дека математиката е составен, суштински дел од писменоста на секој човек.
Еве неколку поконкретни насоки во кои може да дејствуваме (како родители и наставници) за да ја втемелиме љубовта кон математиката кај секое дете (можеби ви се чини премногу оптимистички, но верувајте трудот на крајот ќе се исплати):
1. Започнете рано
Како што се вели дека секое дете ќе научи да чита, порано или подоцна, истото важи и за сметањето, порано или подоцна, секое дете ќе успее да ги совлада основните аритметички операции и ќе научи да се служи со нив. Но, математиката не е само во броевите, таа е многу повеќе од тоа. Ориентацијата во просторот, препознавањето на шаблони, разбирањето на причинско-последичното следствие на нештата, вежбањето групирање според одредено својство (на пример, боја, големина, форма), како и споредување на нештата за да се согледаат сите нивни својства, се вештини кои треба да се вежбаат со децата уште во раната претшколска возраст, и на кои се темелат подоцнежните математички концепти. На следниот линк ќе најдете неколку предлог-активности со кои може да ги развиете кај децата овие вештини, и тоа многу рано, на возраст од 2-3 години,
https://www.zerotothree.org/resources/299-help-your-child-develop-early-math-skills.
2. Играјте игри
Детството и игрите се неразделни. Искористете го тоа. Многу игри, дури и оние за повозрасните, се темелат на математиката. Во ова време во кое живееме достапни ни се разни дигитални игри, апликации или веб-страници со математички игри. Но, не заборавајте ги и игрите што вие сте ги играле како деца. Играјте игри со карти, картонски игри, игри кои бараат пресметувања, па дури и смислување на стратегии. Научете да играте шах, зошто да не. Но и поедноставните игри може да се делотворни. Едно истражување открива дека децата кои играле едноставна картонска игра (Chutes and Ladders) која била со нумерирани полиња, успеале значајно да ги подобрат своите математички вештини во споредба со децата кои ја играле истата игра каде полињата со броеви биле заменети со полиња со бои.
Дополнето: Посетете ја блог-категоријата
Математички игри и одберете некоја од предложените игри што може да ги играте со целото семејство.
3. Математиката може да биде забавна
Откријте која активност му е омилена на детето, а потоа вметнете ја математиката во неа. Ако детето сака да „готви“ заедно со вас, а вам ви требаат 5 јајца за колачињата, од кои вие сте зеле само 2, побарајте детето да ви додаде онолку јајца колку што треба за да имате 5. Математиката може да ја вметнувате и во приказните (видете ја категоријата
Математички приказни), но и во информативни текстови од секакви други области, продолжувајќи го сижето на текстот со додавање математички елементи на едноставен забавен начин. Во продолжение ви предлагаме еден текст во кој ненаметливо е вметната математиката во приказната за најголемото дрво во светот.
Џиновска секвоја
Џиновските секвои се најголемите дрва во светот и воопшто најголемите живи суштества на денешнината. Обично, нивното стебло е високо од 50 до 85 метри и дебело од 6 до 8 метри. Највисоката измерена џиновска секвоја била висока околу 94 метри, или приближно колку една зграда со 30 ката. Нивната природна распространетост е ограничена на западниот дел од планинската област Сиера Невада во државата Калифорнија во состав на Соединетите Американски Држави. Интересен е податокот дека и покрај тоа што од едно дрво на џиновска секвоја може да се изградат 120 дрвени куќи со просечна големина, сепак таа не се користи за градба, главно поради лошиот квалитет. Па затоа, џиновската секвоја најмногу се користи за столпчиња за огради и за кибритни чкорчиња.
Откако ќе им го прочитате текстот за џиновската секвоја, во зависност од возраста на детето и нивото на неговите дотогашни математички знаења и вештини, поставете му некое од следните прашања (може и повеќе или сите).
За малите:
Ниво 1: На која геометриска форма ви наликува стеблото на едно дрво? А на која геометриска форма наликува крошната (гранките со листовите)?
Ниво 2: Две деца трчаат вкупно два круга околу дебелото стебло на џиновската секвоја за две минути. Колку вкупно круга околу стеблото на џиновската секвоја ќе истрчаат четири деца за четири минути?
За големите:
Ниво 1: Највисоката жива џиновска секвоја е висока околу 87 метри. Ако една брза мравка се искачува 4 метри за една минута, за колку време ќе ги помине првите 40 метри? Приближно колку време ќе и треба на мравката да се качи од подножјето до врвот на џиновската секвоја?
Ниво 2: Од едно дрво џиновска секвоја може да се изградат 5 брода, 7 јахти и 12 чамчиња. Колку брода, јахти и чамчиња може да се изградат од 4 џиновски секвои? Ако од една јахта може да се направат 10 чамчиња, а од еден брод може да се направат 5 јахти, колку најмалку џиновски секвои се потребни за да може да се изградат 33 брода?
Оставете им доволно време на децата да размислат. Ако оваа активност ја реализирате со група од ученици, може да има и натпреварувачки карактер, кој побрзо ќе дојде до точниот одговор. На крајот дозволете им и самите да смислат забавни математички проблеми поврзани со џиновската секвоја.
Одговори:
За малите:
Ниво 1: Стеблото наликува на правоаголник, а крошната на круг или на елипса (овал).
Ниво 2: Четири деца за четири минути ќе истрчаат вкупно 8 круга. (Едно дете трча еден круг за две минути.)
За големите:
Ниво1: Првите 40 метри мравката ќе ги помине за 10 минути, што значи дека за да се качи од подножјето до врвот на џиновската секвоја потребни ќе ѝ бидат приближно 22 минути, ако одговорот го заокружиме на најблиската минута.
Ниво 2: Со 4 џиновски секвои може да се изградат 20 брода, 28 јахти и 48 чамчиња. Потребни се најмалку 5 џиновски секвои за да се изградат 33 брода.
Дополнето: Уште текстови придружени со задачи може да најдете во блог-категоријата
Забавна математика.
4. Математиката е реална
Покажете дека математиката е корисна, дека е дел од реалниот свет. Со помош на математиката ги сметаме парите, го мериме времето, должината. Ако колачињата кои се печат во рерната треба да се печат 20 минути, а вие сте ги ставиле во 18 часот и 47 минути, дозволете му на детето самото да пресмета кога треба да ја исклучите рерната за да не изгорат колачињата. Поттикнувајте го детето да ги решава секојдневните математички проблеми и надвор од училиштето. Побарајте од големите деца да ја пресметаат новата намалена цена кога купувате намирници или кога купувате играчки. Предочете им дека современата технологија како таблетите, паметните телефони, интернетот, „Фејсбук“ се измислени од инженери со солидни математички знаења. На овој начин може да ја зголемите мотивираноста за математиката, па може да се случи детето да одбере и некоја математичка професија за своја животна професија.
Дополнето: Во блог-категоријата
Дали сте знаеле... ќе најдете математички текстови со впечатливи несекојдневни содржини, во кои се отсликува реалната природа на математиката, нејзината примена и безвременост.
5. Приспособете ги активностите
Доколку детето има пред себе задача која е приспособена на неговите дотогашни знаења и вештини, и потребно му е малку да се потруди за да ја реши, но сепак може да ја реши, ваквиот успех и сознанието дека успеало да ја реши задачата не само што ја зголемува самодовербата, туку ја зголемува и мотивацијата за учење математика. Откријте, што најдобро знае, вежбајте го тоа, а внимателно и постепено, воведувајте ги за него доволно непознатите концепти. Поставувајте секогаш цели, кои се доволно предизвикувачки и кои детето може да ги достигне. На овој начин, многу деца ѝ се вратиле на математиката, откако го изгубиле интересот за математика.
6. Демонстрирајте љубов кон математиката
Децата во секој чекор се обидуваат да ги следат родителите. Ако родителот ја сака математиката, и тоа го покажува, неизбежно е и детето да развие љубов кон математиката. Љубовта кон математиката може да ја демонстрирате на најразлични начини, играчки со бројки за најмалите, коцки за составување и развивање на креативноста, вметнување на математиката во секојдневните активности (видете ја третата потточка за тоа како математиката може да биде забавна), заедничко играње на математичките игри. И најважно, вашите негативни искуства со математиката, кога сте биле деца, заборавете ги, а уште помалку не ги раскажувајте, постои опасност да им ја пренесете анксиозноста.
7. Учете и вие математика
Сега имате втора шанса да ја засакате повторно и вие математиката, доколку ви се случило некаде во текот на животот да изгубите интерес за неа. Барајќи интересни и прилагодени активности за децата, барате и за себе. Но, може и треба, секој пат да одите и чекор понапред во математичката наобразба, надградувајќи ги сопствените математички вештини. Пополнете ги „празнините“, продлабочете ги и зацврстете ги знаењата. На тој начин му помагате и на детето. Само ако поседувате математички знаења, ќе може да ги пренесете. Децата заслужуваат да ја сакаат математиката. ТАА (математиката) заслужува да ја сакаме и почитуваме.
Автор: Проф. д-р Ирена Стојковска
Извор: www.matematika-plus.weebly.com
https://matematika-plus.weebly.com/kako-deteto-povtorno-da-ja-zasaka-matematikata.html