X
 15.11.2017 Образование

„Standing Stripes“ - дело на студенти по дизајн од шест земји

Факултетот за дизајн и технологии на мебел и ентериер од Скопје, во соработка со „Фејдом“, беше домаќин на проектот Innovation School

„Standing Stripes” е името на прототипот на производ кој студенти по дизајн од шест земји неодамна го изработија во Скопје. Домаќин на вториот дел од проектот Innovation School- Sprungbrett беше Факултетот за дизајн и технологии на мебел и ентериер.


Учесници од Македонија, Србија, Босна и Херцеговина, Словенија, Швајцарија и од Русија пет дена работеа заедно, а за практичниот дел и за неговата реализација им помогна компанијата „Фејдом“ од Скопје. Од Македонија, во проектот учествуваа: Ваљон Биљали, Сашко Зорбовски, Кристина Чачовска.

- Задачата на овој практичен проект беше да се изработи прототип на производ, при што ќе бидат опфатени сите фази во процесот - од идеја до прототип и што би значело тоа како краен производ разгледано и од економскиот аспект. Имаше повеќе идеи за конкретен производ, но самото ограничување во релативно кратка временска рамка бараше да се избере решение кое ќе биде комплетно реализирано – ни објаснува проф. Владимир Каранаков, одговорен за проектот.

Професорот од Факултетот за дизајн и технологии на мебел и ентериер го објаснува повеќенаменскиот производ.

Проф. Каранаков со учесниците во проектот

- Изработени се три модули од производот - канцеларски модул (кој исто така би можел да се користи како физичка преграда во канцеларии со повеќе работни бироа), вертикална градина (која може да се употреби во која било просторија, обезбедувајќи посебен амбиент) и модул за претсобје (кој исто така може да се користи во секоја просторија каде што би имало потреба, со додатоци од магнети, како држачи за клучеви) – вели Караников.

Специфичен дел од производот биле посебно направените држачи, кои всушност обезбедуваат секој учесник да се изрази креативно и на основниот модул самиот да си го постави она што му е потребно, како на пример: држачи за цвеќе, држачи за полици, закачалки, метални држачи со магнет и слично.


„Standing Stripes” засега е прототип, но тоа и беше иницијалната идеја – откако ќе се направи да може да се согледаат сите работи што би можеле да се подобрат и финализираат за краен производ, додава професорот.


- Генерално сме задоволни од прототипот и од неговата презентација, добиените позитивни реакции, заинтересираноста, како и од обезбедените услови и соработката со „Фејдом“. Таа компанија е голем ентузијаст во развивање идеи, соработка со студенти, како и обезбедување простор и можност за стекнување искуство при проектирањето и изведбата на мебел – вели Каранаков.
Целиот проект Innovation School- Sprungbrett досега се реализира во Швајцарија и во БиХ.
Подготвил: Сребра Ѓорѓијевска / srebra.gjorgjijevska@fakulteti.mk

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование